Новиот закон за заштита на потрошувачите им нуди поголема заштита на купувачите од измами од трговците, смета Мартина Грнчареска од Организацијата на потрошувачи на Македонија, која зборуваше на оваа тема во гостувањето на Блумберг Адрија ТВ.
„Сега ќе има разлика помеѓу акција, промоција и сезонско намалување, стоки со грешка, стоки на кои им изминува рокот и распродажба. Во согласност со новиот закон, трговецот е должен да одреди кога ќе се применува ова и да ги издвои овие стоки“, образложува Грнчареска.
Законските измени одредуваат дека акциската продажба не може да трае повеќе од 30 дена, а промоциската продажба не може да трае повеќе од осум дена.
„Во делот на сезонската продажба ќе се направи измена, односно сезонското намалување може да биде само во две сезони. Тоа е од 25 август до 25 септември и од 25 декември до 25 јануари. Со изминувањето на овој рок, трговецот е должен да ја затвори сезонската продажба и да си продолжи со постојната продажба“, вели Грнчареска од Организацијата за заштита на потрошувачите.
Законските измени имаат и други поволности за купувачите во делот на гаранцијата, која се продолжува, како и сервисирањето.
„Во делот на гаранцијата се стави една измена. И натаму останува одредбата за трипати сервисирање и потрошувачот може да го врати производот ако не се поправи за трипати во рамките на гарантниот рок. Тука измената вели дека ако производот двапати го има истиот дефект, потрошувачот има право да го врати по вториот пат, а не да чека трипати како во претходниот случај“, вели Грнчареска.
Целиот разговор погледнете го во видеото.