Странските бродови за крстосување ќе може да се вратат во Јапонија. првпат по избувнување на пандемијата во 2020 година, кога луксузниот брод „Дајмонд принцес“, со 13 палуби, беше во карантин во Јокохама, со стотина луѓе на бродот заразени со ковид. Подготовките, вклучувајќи и изработка на насоки за ковид, се завршени, соопшти јапонското министерство за трговија. „Операторите за крстосување ќе мора да разговараат со релевантните власти за плановите за влез на пристаништата“, соопштуваат од јапонското министерство за трговија.
На „Дајмонд принцес“ се случи првата голема епидемија на ковид-19 на крузер, свртувајќи го светското внимание на ризикот од зараза и инфекција на бродовите. Во еден момент, во февруари 2020 година, патничкиот брод имаше дури најмногу случаи надвор од Кина. Иако земјите, вклучувајќи ја и Јапонија, ги ублажија ограничувањата, на пристаништата уште се појавуваат бродови со голем број заразени патници.
Јапонија во октомври ги ублажи ограничувањата за патување, за да помогне во закрепнувањето по пандемијата. Околу 454.500 луѓе допатуваа од странство во текот на минатиот месец, што претставува повеќе од тројно поголем број во споредба со септември, известуваат локалните медиуми, иако официјалните податоци за октомври би требало да бидат објавени утре.
Според податоците од Министерството за трговија, повеќе од два милиона луѓе ја посетиле Јапонија преку крузерите во 2019 година.
Повеќе од 700 патници и членови на екипажот на бродот „Дајмонд принцес“ беа заразени со ковид. Некои експерти за заразни болести ги критикуваа јапонските власти дека не успеале да го контролираат ширењето на вирусот и не презеле соодветни превентивни чекори во услови кога на бродот има луѓе во карантин без соодветна вентилација.
„Дајмонд принцес“, во сопственост на „Карнивал корп“, на крајот го напушти пристаништето во Јокохама на 16 мај 2020 година.