Рускиот претседател Владимир Путин вели дека е подготвен да го олесни извозот на житарици и ѓубрива во услови на глобална загриженост поради недостигот на храна и зголемените цени, но само доколку се укинат санкциите против неговата земја, соопшти Кремљ.
Путин ова го кажал за време на телефонски разговор со италијанскиот премиер, Марио Драги.
Од соопштението за разговорот не може конкретно да се прецизира дали Путин мислел на рускиoт извоз или на извозот од Украина, што Русија го спречи со блокирање на тамошните пристаништа.
Во соопштението од кабинетот на италијанскиот премиер се вели дека разговорите се фокусирале на решавање на кризата со недостиг на храна, а укинување на санкциите не се споменува. Подоцна на брифингот Драги потврди дека побарал од Путин да го дозволи преминот на жито во украинските пристаништа и дека не гледа простор за мировен договор со Путин.
Земји како Естонија и Литванија се залагаат за систем во кој бродовите со жито преку Црното Море ќе бидат придружувани од сојузнички воени бродови за да се рестартира украинскиот извоз. Но, тоа бара расчистување на мините околу пристаништата и Русија да се согласи да дозволи бродовите да минуваат безбедно.
Украина сака гаранции дека евентуалниот слободен премин нема да дозволи руски бродови да влезат во пристаништето Одеса, изјави оваа неделава во Давос украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба.