Шведската истрага за прекинот во тековите на гасоводите „Северен тек“ еден и два, заклучи дека причината е „тешка саботажа“, се наведува во соопштението на службата за безбедност на земјата.
Како дел од истрагата, тие ќе продолжат да ги анализираат деловите каде што настанала штетата за да се утврди „дали некој може да биде осомничен и подоцна обвинет“, се вели во соопштението.
Гасоводот, кој го минува Балтичкото Море од Русија до Германија, беше во фокусот на истрага на шведските власти откако кон крајот на септември беа откриени две протекувања во ексклузивната економска зона на оваа нордиска земја.
Во посебна изјава, шведскиот обвинител Матс Љунгквист рече дека анализата покажала траги од експлозив на неколку предмети кои биле пронајдени во близина. Тој додаде дека споменатата локација е „темелно анализирана“.