Илон Маск го враќа Доналд Трамп на Твитер, откако корисниците на друштвената платформа гласаа за тоа. За да се врати на Твитер поранешниот претседател на САД гласаа 52 процента, а против беа 48 отсто. Анкетата траеше 24 часа, а гласаа повеќе од 15 милиони корисници.
Прочитај повеќе
Трамп ја објави кандидатурата, што ќе се случува понатаму?
Трамп се надева дека ќе стане првиот американски претседател во последните 130 години што ќе се врати откако еднаш беше одбиен од гласачите.
16.11.2022
Маск претходно ги врати профилите поврзани со неколку контроверзни личности, а враќањето на Трамп ќе биде дополнителна политичка можност за него. Поранешниот американски претседател официјално најави нова кандидатура за Белата куќа на претседателските избори, кои треба да се одржат во 2024 година, а Маск само му нуди дополнителна алатка за испорачување на неговите пораки до аудиториумот.
Одлуката на Маск, исто така, доаѓа во време на внатрешни превирања во „Твитер“ по масовното отпуштање и егзодусот на врвни раководители, што придонесе за хаотична атмосфера во компанијата.
Развојот на настаните ја зголеми загриженоста поради ранливоста на платформата на безбедносните закани и потенцијалот за прекршување на американскиот закон за трговија, што би можело да доведе до казни пресметани во милијарди долари.
Инаку, на Трамп во 2021 година му беше трајно забранет пристапот до Твитер поради опасност од натамошно поттикнување на насилство по немирите во американскиот Капитол. Претходно, оваа година, тој официјално влезе во трката за претседател на САД на следните избори во 2024 година. Сепак, уште не е готова работата со враќањето на поранешниот претседател на САД на Твитер.
„Слушам дека добивам голем број гласови за враќање на Твитер. Не го следам тоа бидејќи не гледам никаква причина за тоа. Можеби ќе успее, можеби нема“, рече Трамп на состанокот на Републиканската коалиција во Лас Вегас.
Маск има историја на анкетирање на своите следбеници за многу работи, од копчиња за уредување на Твитер до продажба на акции во „Тесла“, па дури и за тоа дали се подоверливи политичарите или милијардерите.
Компаниите што се рекламираат на социјалните мрежи би можеле да бидат сомничави поради штетите нанесени на нивните брендови ако Трамп привлече внимание со своите твитови.