Навивачката зона поставена во центарот на Доха се претвори во хаос во неделата, на денот на отворањето на Светското првенство во фудбал, кога десетици илјади навивачи се туркале да се пробијат до зоната.
Навивачите се обидувале да влезат во оградениот простор каде што е поставен голем екран за следење на натпреварите и каде што можело да се купи пиво и некои други дреболии.
Полицајци со палки и штитови застанале како стража на влезот во навивачката зона, додека навивачите ги молеле да ги пуштат внатре.
„Многу е опасно. Луѓето можат да умрат, жените и старите луѓе не можат да ги поднесат ваквите кордони. Фала му на бога, повисок сум, па можам да дишам, но видов некои деца и им реков на нивните родители да ги кренат бидејќи не можат да дишат“, изјави Хатем Ел-Берари, Ирачанец што е вработен во соседниот Дубаи.
Тој додава дека во толпата бил сведок на луѓе што се туркаат и жени што плачат. „Моето семејство е таму во метежот. Не можам да се вратам до нив. Не знам што да правам“, рече Ел-Берари, додавајќи дека организацијата не е добра.
Пивото е пречка
Луис Рејес, Американец со мексиканско потекло што живее во Лос Анџелес, ја спореди толпата со сцените од пред неколку недели во Јужна Кореја, каде што загинаа повеќе од 150 луѓе. „Не можеш никаде да одиш, ниту напред ниту назад. Му реков на син ми ајде да излеземе од редот, ова е премногу опасно“, изјави Рејес.
Засега не се знае дали некој е повреден или уапсен.
Слична ситуација настанала во саботата вечер, на концерт пред отворањето на Светското првенство, каде што луѓето исто така се обиделе да се пробијат до истата навивачка зона.
Во неделата немаше знаци на проблеми на стадионот, каде што десетици илјади луѓе го следеа воведниот меч на Мундијалот меѓу Катар и Еквадор. На концертот одржан по натпреварот, кој се одигра во градот Ал Хор, имало играње, пеење и пиење.
Седумнаесетгодишниот Махди Хусеин вели дека не е среќен што се служи пиво, додавајќи: „Ми пречи. Не сакам да бидам во атмосфера каде што има алкохол“.
Самира Саид, која пред околу 25 години се преселила од Египет во Катар, вели дека е пресреќна што арапската земја е домаќин на Светското првенство.
„Како Арапка, се чувствував почестено. Бев премногу среќна“, изјави 50-годишната жена.