Хонгконг веќе го нема најскапиот малопродажен кварт во светот, откако бројот на купувачи опадна поради ковид-пандемијата и ограничувањата за посетителите.
Горната петта авенија на Менхетн сега е најскапата улица за пазарење во светот, покажува истражувањето на компанијата за комерцијални недвижности „Кашман енд Вејкфилд“ (Cushman & Wakefield Plc). На второто место е дистриктот Цим Ша Цу во Хонгконг, а следува италијанската Виа Монтенаполеоне во Милано. Ова е прво истражување по 2019 година.
Годишните наемнини за продавниците на Горната петта авенија во просек се околу 2.000 долари за квадратен метар, што е за 14 проценти повеќе од нивото пред пандемијата, се наведува во извештајот. Наемнините во Цим Ша Цу паднаа за 41 процент, на 1.436 долари за квадратен метар, додека тие на Виа Монтенаполеоне пораснаа за девет отсто, на 1.380 долари.
Хонгконг се бори со падот откако некои од најстрогите ковид-мерки на светот и затворањето на границите со континентална Кина го намалија бројот на посетители. Градот регистрира само 250.000 посетители во деветте месеци годинава, што е многу помалку во споредба со речиси 56 милиони во цела 2019 година.
Лондонската улица Њубонд стрит падна за едно место надолу, заземајќи ја четвртата позиција. Таму просечната наемнина падна за 11 отсто, додека Авени де Шанзелизе во Париз се позиционира на петтото место, откако просечната наемнина падна за 18 проценти.
Американското тло беше најотпорен регион, главно благодарение на САД, со просечни наемнини за 15 проценти над нивото од пред пандемијата, се наведува во извештајот. Во Азија цените паднаа во просек за 17 проценти поради затворањето на границите.
Инаку, Цим Ша Цу го престигна хонгконшкиот кварт Козвеј Беј, како најскап во малопродажбата, покажуваат податоците од истражувањето што ги следи највисоките малопродажни квартали во 92 града. Иако Хонгконг ги укина своите најстроги ограничувања за заштита од пандемијата, вклучувајќи ги и хотелските карантини и забраните за летови, сепак посетителите и натаму подлежат на низа ограничувања и тестови.
Козвеј Беј го држеше првото место во светот во 2018 година, кога ја истисна од лидерската позиција Горната петта авенија за првпат во пет години, покажуваат податоците од истражувањето.