Доколку во вашиот дом имате фудбалска топка, големи се шансите дека таа доаѓа од Сијалкот, град во североисточен Пакистан.
Повеќе од две третини од фудбалските топки во светот се направени во една од илјадниците тамошни фабрики.
Тука спаѓа и топката „адидас ал рила“, која е официјална за Светското првенство што се одржува во Катар.
Во Сијалкот околу 60.000 луѓе работат во производството на топки, што е осум отсто од населението на градот, а често станува збор за работно време што трае подолго од вообичаените рамки и во кое делови од топката се шијат рачно.
Повеќе од 80 проценти од топките во Сијалкот се произведуваат рачно, со напорна работа, и тоа ги прави поиздржливи и аеродинамични. Шевовите и спојките се подлабоки и поцврсти од оние што се прават машински.
Во фабриката „Анвар Каваја“ (Anwar Khawaja Industries), работничките, бидејќи повеќето од вработените се жени, добиваат 160 пакистански рупии, или 0,75 долари за топка. За секоја топка е потребна тричасовна работа, па ако се произведуваат по три топки дневно, месечната заработка може да биде 9.600 рупии, или околу 45 долари.
Дури и за сиромашен регион, таквите плати се ниски. Месечните трошоци за живот во тој град се околу 20 илјади рупии.
Вообичаениот работен ден за работничките од „Анвар Каваја“ вклучува изработка на две топки, потоа враќање дома за да се приготви ручек, па продолжување со работа попладне.
Мажите најчесто работат во други фази од производствениот процес, односно при подготовка на материјалите или тестирање на произведените топки.
До 1997 година, во фабриките во Сијалкот работеле дури и петгодишни деца, заедно со своите родители. Оттогаш, законот го оневозможи тоа, но во еден извештај од 2016 година беше наведено дека забраната на детскиот труд станува закана за производството во Сијалкот поради недостиг од работна сила.
Компонентите од синтетичка кожа доаѓаат од различни земји. Кинески материјали се користат за поевтини топки, а јужнокорејски за висококвалитетни. За топките што се користат, на пример, во Бундеслигата или во други богати европски лиги, материјалот доаѓа од Јапонија.
Топките се состојат од 20 шестаголни и 12 петаголни дела, споени со 690 конци. Меѓутоа, денес за сè поголем број топки се користи топло лепило, или процес на термичко поврзување, за спојување на деловите. Ваквите топки, иако се квалитетни и поевтини, се поскапи за транспорт и, за разлика од оние што се произведуваат на класичен начин, не можат да се издишат или поправаат.
Произведените топки минуваат низ строг процес на тестирање, во согласност со стандардите на светската фудбалска организација ФИФА. На пример, се тестира заобленоста или начинот на отскокнување на топката.
Секоја година низ светот се продаваат околу 40 милиони топки, а, се разбира, продажбата за време на Мундијалот во Катар се очекува да се зголеми. И сето тоа за плата помала од еден долар за топка.