Берлинскиот аеродром накратко ги запре полетувањата и слетувањата вечерва, откако демонстранти против климатски промени ја пробија безбедносната ограда на аеродромот и ја окупираа пистата.
„Неколку луѓе беа на аеродромската писта од 17:35 часот. по локално време“, објави аеродромот „Бранденбург“ во Берлин на својот официјален твитер-профил. Потоа аеродромот соопшти дека летовите се обновени, но со доцнења.
„Летцте генерацион“ (Letzte Generation), група што тврди дека владите, бизнисите и граѓаните не прават доволно за да ги намалат емисиите на стакленички гасови, објави соопштение во кое се вели дека нејзините активисти се одговорни за стопирањето на сообраќајот на берлинскиот аеродром.
„Додека некои од нив се залепени на асфалтот, други возат велосипеди по лентите за маневрирање, со што воздушниот сообраќај е запрен“, објави групата на својата интернет-страница. Непосредно пред да влезат во просториите на аеродромот, тие ја известија полицијата за своите планови преку итен повик.
„Летцте генерацион“ (Last Generation на англиски) спроведе серија протести во последниве денови, вклучувајќи и на симфониски концерт во Хамбург, каде што, според извештаите во медиумите, активистите се залепија на подиумот на диригентот.