Пласман на светско првенство не е недостижна работа за македонската фудбалска репрезентација. Иако репрезентативците само за еден натпревар не успеаја да ја остварат својата цел, ентузијазмот, жарот и желбата не изостануваат и македонските фудбалери одново ќе се обидат да се носат со реномираните селекции, како што веќе повеќепати докажаа дека се доволно квалитетни, вели Златко Андоновски од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
„Во суштина бевме на 90 минути од пласман на Светското првенство во Катар. Знаете дека нѐ делеше победа против Португалија. Ја победивме Италија и тоа беше сензација во светскиот фудбал. Се најдовме само на еден натпревар до пласман на Мундијалот во Катар, меѓутоа Португалците славеа на домашен терен со 2:0 и ни ја скратија можноста за прво историско учество на македонската фудбалска репрезентација на Светското првенство. Не мислам дека тој пораз нѐ демотивираше, напротив, само потврди дека македонските фудбалери имаат навистина добар квалитет за да се носат со најсилните светски репрезентации и во идните квалификации да се обидеме одново“, вели Андоновски во разговор за Блумберг Адрија ТВ.
Македонската фудбалска репрезентација повеќепати го докажа квалитетот, а претходно и со првиот пласман во својата фудбалска историја на европско првенство.
„Никој веројатно ни во Македонија не очекуваше дека можеме да се носиме со Италија, меѓутоа ја победивме. Знаеме дека имавме победа во квалификациите за Мундијалот и против Германија и неколку успешни настапи во Европското првенство. Но се случија неколку непосакувани резултати во Лигата на нации и можеби веројатно тоа е природно по резултатите што ги постигнавме ланската година. Меѓутоа, сите веруваме дека можеме одново да се најдеме во ситуација да се бориме за пласман на големо натпреварување. Играчите потврдија дека имаат квалитет, стручниот штаб, секако, верува во нив. Фудбалската репрезентација е тука за да ги овозможи најдобрите услови за работа на репрезентацијата и да се надеваме дека заеднички можеме да испишеме нова убава страница за македонскиот фудбал во иднина“, вели Андоновски.
Во рамките на квалификациите за Европското првенство, репрезентацијата до 19 години забележа низа порази. Андоновски вели дека тоа е неизоставен дел од спортот и не треба да нѐ демотивира.
„Поразите ќе се случуваат. Ние не сме федерација и репрезентација од типот на Германија, Италија или најголемите европски федерации. Знаеме дека во минатото и репрезентацијата до 19 години и селекцијата до 17 години влегуваа во елитната фаза квалификации за пласман на европско првенство и беа многу блиску до остварување на тој пласман. Оваа година се случија поразите, меѓутоа тоа не значи дека така ќе биде и во иднина. Напротив, тоа може да дејствува уште помотивирачки за сите нас што се грижиме за тие репрезентации и тие селекции, почнувајќи од тренерите и селекторите што се во тие селекции, па до оние што одлучуваат за селекцијата, односно фудбалерите што настапуваат во тие младински селекции. Победи и порази ќе се случуваат, тоа не треба да нѐ демотивира. Напротив, мислам дека сме на добар пат и дека во иднина ќе има успеси и со тие млади селекции“, вели Андоновски.
За да се подобри состојбата во македонскиот репрезентативен, но и клупски фудбал, ФФМ со поддршка од УЕФА и ФИФА работи на подобрување на условите во повеќе сегменти.
„Базата за фудбалската репрезентација на Македонија е вложување во фудбалот во Македонија на сите нивоа, почнувајќи од инфраструктурата, па до грасрут-активностите, односно фудбалот за децата што го организираме. Државата е тука да помогне во тие насоки, меѓутоа, рака на срце, во изминатите неколку години ФФМ, заедно со УЕФА и ФИФА, прави сѐ за да го подобри фудбалското живеење на сите нивоа. Реков, почнувајќи од инфраструктурата, која е клучна за успех на клупско и на репрезентативно ниво, па до обезбедување услови за работа на сите репрезентации и на фудбалската академија. Тоа е многу битен сегмент од работата на ФФМ, бидејќи сѐ почнува оттаму, од детскиот фудбал, од младинските селекции, и грижата на ФФМ постојано е насочена кон тој дел. Да не заборавиме дека голем дел од репрезентативците што сега играат во најдобрата македонска репрезентација, или во помладата до 21 година, потекнува токму од базата што ја создава ФФМ“, вели Андоновски.
Но за поголема грижа и одржување на фудбалските терени, ФФМ е немоќна самата да се грижи, па неопходна е помош и од општините и од државата, како што вели претставникот на ФФМ.
„Апсолутно се потребни инвестиции за терените. Тоа постојано го говориме од аспект на ФФМ. Знаеме дека имаме најголема поддршка во инвестициите во тој дел од УЕФА и од ФИФА преку нивните програми, меѓутоа постојано напоменуваме дека ФФМ сама не може да се грижи за сите терени во Македонија, туку мора да има поддршка и од локалната самоуправа, од општините, па дури и од државата преку нејзиното тело, кое е Агенцијата за спорт и млади. Во минатото бевме на крстосница кога се во прашање односите во тој дел, меѓутоа се надеваме дека ќе ја сфатиме заеднички суштината дека инвестирањето во инфраструктурата е апсолутно многу важно и дека само заеднички може да се направи напредок и во тој дел“, вели Андоновски.
Тој зборува и за своите очекувања и прогнози за актуелното Светско првенство. Целиот разговор погледнете го во видеото.