Кога станува збор за најдобрите системи за јавен превоз, градовите во Азија и Европа ги заземаат водечките места.
Хонгконг е рангиран на првото место врз основа на фактори како растојанието до постојките, достапноста, работните часови, метежот и брзината на патување, според новата студија од форумот „Оливер Вајман“ (Oliver Wyman Forum), аналитички центар поврзан со истоимената консултантска фирма и Институтот за транспортни студии при универзитетот „Беркли“ во Калифорнија. Хонгконшката железница за јавен транспорт е наведена поради нејзините пристапни цени, ретките доцнења или прекини на услугите, како и поради финансиската самостојност и одржливост.
Цирих, Стокхолм, Сингапур и Хелсинки ги заокружуваат петте најдобри града за јавен превоз, при што Цирих оствари пробив преку инвестициите во транспортот и напредниот мастерплан.
Градовите во Азија и во Европа ги заземаат водечките места во однос на квалитетот на јавниот превоз
Градовите како Хонгконг им помагаат на нивните транспортни системи кога го прават „помалку привлечно користењето на индивидуална мобилност“, вели Андреас Ниенхаус, партнер на „Оливер Вајман“, кој се фокусира на автомобилската индустрија и работел на извештајот. „Тие имаат или големи зелени зони или големи зони без автомобили, или едноставно го прават многу скапо возењето приватни возила во градските средини. И тоа помага“.
„Хонгконг и Сингапур, исто така, се во првите редови во имплементацијата на нови технологии во транспортот“, нагласува тој. Сингапур, на пример, додава автономни автобуси.
Скандинавските градови, вклучувајќи ги Осло, Хелсинки и Стокхолм, доминираат кога станува збор за еколошката одржливост. Осло, на пример, инвестираше во сеопфатна мрежа на станици за полнење електрични возила. Слично како во Хонгконг, градот има многу области во кои не се дозволени автомобили. Во извештајот исто така има пофалба за мултимодалната мрежа на Осло, која вклучува станици за паркирање, како и дозволување велосипеди во јавниот превоз.
Дополнително, извештајот ги рангира градовите според „подготвеноста за мобилност“, при што Сан Франциско е на врвот на листата делумно поради својата мрежа за полнење на електричните возила. Сепак, „Оливер Вајман“ укажува на загриженоста дека застарената инфраструктура на Сан Франциско претставува ризик во регионот склон на природни катастрофи, како земјотреси и шумски пожари.
Американските градови севкупно поминаа полошо од урбаните области во другите земји поради нивната преголема зависност од автомобили. „Во САД, постои зголемена индивидуализација на мобилноста и тоа очигледно не се вклопува добро во концептот на јавниот транспорт“, вели Ниенхаус, кој работи во Франкфурт.
Употребата на јавниот превоз во Њујорк е сè уште околу половина од нивоата пред пандемијата, на пример, а градот неодамна ја зазеде најниската позиција во рангирањето на најлошите градови за возење во САД. Градските власти сè уште се обидуваат да го спроведат планот што предвидува на некои возачи да им се наплаќа по 23 долари за да влезат на Менхетн јужно од 60-та улица. „Покрај ваквите давачки, програмите за јавна велосипедска мрежа и отворањето на улиците за пешаците им помагаат на градовите брзо да ја зголемат употребата на нивните системи за јавен превоз“, нагласува Ниенхаус и додава дека таквата транзиција не мора да трае со децении.
Од 60 града рангирани во листата за јавен превоз на „Оливер Вајман“ и „Беркли“, урбаните центри на Блискиот Исток и Африка се најниско рангирани, со Јоханесбург, Ријад (Саудиска Арабија), Најроби (Кенија) и Џеда (Саудиска Арабија) на дното.
„Ријад најверојатно ќе се подобри кога во наредните години ќе се отвори својот одложен метро-систем“, вели Александре Бајен, професор по инженерство на универзитетот „Беркли“, кој напиша: „Одговорот е јасен: Инвестирајте“.