Група деца и младинци, вклучително и Грета Тунберг, поднесоа колективна тужба против шведската држава затоа што, како што посочуваат, не преземала соодветни мерки за запирање на климатските промени.
Тужбата е дел од меѓународниот бран правни дејствија поврзани со климата, при што некои од нив се насочени и кон националните влади.
Следува по случајот од висок профил во Холандија, каде што највисокиот суд во земјата во 2019 година пресуди дека владата има законска обврска да преземе акција за да го ублажи глобалното затоплување.
Шведската тужба ја вклучува Тунберг, веројатно светски најпознатата активистка за климата, и повеќе од 600 други кои тврдат дека климатските политики на Шведска го прекршуваат нејзиниот устав, како и Европската конвенција за човекови права.
„Шведска не ги исполнува уставните барања за промовирање на одржлив развој што води кон подобра средина за сегашните и идните генерации“, се вели во соопштението на групата.
Во 2017 година, Шведска усвои закон за климата со кој се бара од владата да работи на намалување на емисиите на штетни гасови кон целта нето-нула поставена за 2045 година.
Намалувањето на емисиите на стакленички гасови е клучно за исполнување на целта од Парискиот договор од 2015 година за одржување на глобалното затоплување под 2 Целзиусови степена до крајот на векот.
Сепак, руската инвазија на Украина во февруари предизвика борба за енергенти што ги уназади напорите, а и овогодинешните разговори за климата под покровителство на ОН во Египет не ги зајакнаа амбициите.
Во интервју за шведскиот дневен весник Dagens Nyheter, Тунберг рече дека верува оти законите за климата треба да се заострат.
„Немаме закони кои обезбедуваат долгорочна заштита од последиците од климатските и еколошките кризи, но треба да ги користиме методите што ни се на располагање и да направиме сè што можеме“, рече таа.
Тужбата, која се изработува веќе две години, доаѓа додека политиките на новата шведска влада за климатските промени се соочуваат со интензивна дебата во јавноста.