Немам сознанија со каква методологија ќе работи специјалниот антикорупциски тим од САД, бидејќи засега сме немале комуникација, ниту со неговите членови, ниту со амбасадорката Анџела Агелер, изјави за Блумберг Адрија ТВ, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска.
Таа изрази надеж дека во наредниот период ќе бидат расчистени повеќето дилеми во однос на методологијата, но истакна и дека за неа потегот за ангажман на ваков тим е очекуван.
„За мене ова е и очекувано на некој начин, дотолку повеќе што сме кандидати да бидеме земја-членка на ЕУ, а со вакво ниво на корупција тоа е речиси невозможно... Едноставно не можеме да бидеме во друштво со земји каде што корупцијата, не можам да речам дека е сведена на нула, но е ставена под сериозна контрола“, нагласи Ивановска.
Како што посочи таа, меѓународниот фактор повеќе пати има упатено препораки и укажувања до нашата држава за тоа како да ја намалиме корупцијата.
„Има вложено многу средства во обуки на правосудниот кадар и очигледно дека посакуваните резултати не се исполнети, по што следи овој чекор од страна на САД, специјална екипа да дојде во нашата држава и да се справува со корупцијата“...
Целиот разговор со претседателката на Антикорупциската комисија, погледнете го на видеото прикачено во објавата.