Нешто што особено го сакам во мојата работа е разновидноста на возилата до кои имам пристап. Една недела возам жолто „порше“ по планински пат, следната, пак, крстосувам со електричен „хамер“ во пустината во Аризона.
Сите добри возила имаат одредени заеднички нешта: способност да го испорачаат од зад воланот она што го ветува нивната естетика однадвор и способност да го направат тоа по фер цена во рамките на својата категорија. Оваа година се покажа воодушевувачки разновидна.
Ова е листа на најдоброто од она што го возев во последните 12 месеци, распоредено во неколку категории и со образложение зошто.
Спортски автомобил: ферари 296 ГТБ (Ferrari 296 GTB)
Носталгичар сум за историски референци, па веројатно веќе бев половично купен кога седнав зад воланот на „ферари 296 ГТБ“ минатиот март во Севилја. Ова беше првпат „Ферари“ да стави мотор V6 во сериски автомобил откако престана да го прави „дино“ (Dino) во 1976 година.
Во поглед на перформансите, „296 ГТБ“ има одлични бројки: неговиот хибриден мотор развива 819 коњски сили и достигнува 62 милји за 2,9 секунди. Максималната брзина е 205 милји на час. На патеката на „Ферари“ во Фиорино, Италија, „296 ГТБ“ е побрз и од „ла ферари“ (LaFerrari), кој држи цена од 1,5 милион долари. Но автомобилот ќе им одговара и на оние што сакаат да го возат надвор од патеката, дури и секојдневно. Можете да ги префрлате режимите на возење за да помогнете да се приспособат на условите на патот; предниот сплитер лесно ќе ги исчисти нерамнините на патот; а седиштата и шасијата се помалку крути од она што го очекуваме во суперавтомобилите на „Ферари“, како што е „СФ90 страдале“ од половина милион долари.
Кога дебитира во 70-тите години на минатиот век, „дино“ беше почетно ниво во портфолиото на „Ферари“. Со овие бројки во однос на перформансите и почетна цена од 318.000 долари, „296 ГТБ“ не е основно ниво. Но, сепак, ги надминува авентадорите на „ламборџини“, кои имаат приближно исти бројки, но чинат неколку стотици илјади долари плус. Треба да се спомене дека деновиве цените за оригинален „дино“ се движат од 500.000 до 600.000 долари на BringaTrailer.com. Од моја гледна точка, со цената на „296 ГТБ“ сте во ќар.
Седан: ролс-ројс фантом 2 (Rolls-Royce Phantom II)
Обожавам колку е надмен овој автомобил и го сакам „Ролс-Ројс“ зашто го направи. „Ролс-ројс фантом 2“ ја продолжува најдолготрајната серија на брендот стар 116 години. Промоторите велат дека тој е најтивкиот и најлуксузен автомобил кога цената не е проблем, а „фантом 2“ го исполнува таквото ветување. Може да се пофали со мотор V12, со 563 коњски сили, потрошувачка од 12 милји за галон во градски услови и цена што, за повеќето купувачи, ќе се приближи до 700.000 долари. Ако сумата не ви го наруши вниманието, одлично. Затоа што, ако успеете да преминете преку тие бројки, ве чека вистинско задоволство.
„Фантом 2“ нуди нови предни светла, нови опции за тркалата и поместена решетка, но неговиот главен фокус е да им дозволи на клиентите да направат уште повеќе за автомобилот да се чувствуваат како целосно свој. (Тука стапува на сцена астрономската цена: рачно резбаното дрво, раскошните волни и специјално изработените свили не се евтини, особено кога сакате да бидат обоени според вашите точни спецификации.) Дури и нормалните работи овде чинат многу: осветлување за препознатливиот знак Spirit of Ecstasy (4.950 долари), подигнати потпирачи за нозе (6.325 долари), задно кино (14.525 долари), ладилник за шампањ (3.500 долари), 22-инчни црни дискови за тркалата (13.000 долари) и масички за пикник обложени со дрво по ваш избор (4.100 долари) се некои од поконвенционалните опции.
Надмен, навистина. Но, како што напишав во мојата рецензија, вие нема да се чувствувате посебно кога ќе се возите во својот нов „фантом“, туку ќе се чувствувате супериорно.
Теренец: ауди кју4 е-трон (Audi Q4 e-Tron)
Тешко е да се направи интересен семеен теренец со средна големина, а камоли незаборавен. Тие често ме потсетуваат на лабрадор ретривер: сигурен, стабилен, безбеден. Така, уникатно е тоа што возев автомобил од оваа категорија на кој можам да се сетам дури и четири месеци подоцна. Сè уште размислувам за „ауди кју4 е-трон“, и не само поради тоа колку ги направи горди дизајнерите на „Ауди“. Новото електрично возило на „Ауди“ доаѓа во две форми: „кју4 е-трон“ има потрадиционален заден дел, во облик на нежно заоблен правоаголник, а „кју4 е-трон спортбек“ (Q4 e-Tron Sportback) има поспортска задна покривна линија. Двете возила имаат опсег на возење од 241 милја и развиваат од нула до 60 милји на час за 5,8 секунди, со максимална брзина од 112 милји на час. И кај двете возила е можен опсег на возење од 265 милји со едно полнење, под најдобри услови. „Спортбек“ чини околу 3.000 долари повеќе.
„Кју4 е-трон“ вози сигурно и силно, како и секој автомобил во оваа линија. Но вниманието посветено на внатрешната поставеност и квалитетот на конструкцијата прават да изгледа супериорно во однос на електричните теренци од „Тесла“ (Tesla) и „Кадилак“ (Cadillac). Миксот од екрани на допир и копчиња дава футуристичко, но познато чувство. Држачи за шишиња се поставени од внатрешната страна на секоја врата; страничните ретровизори се поместуваат за да се овозможи поголема видливост околу предниот дел и страните на возилото. Има доволно простор за главата и нозете во задниот дел и дарежлив простор за складирање од 54,4 кубни метри во багажникот, при преклопени седишта. Во основа, чувството е како родителите низ светот да седнале и да направиле список на работи што би ги посакале во електричен SUV во 2022 година, а „Ауди“ се обврзал да ги исполни барањата.
Со цена од 48.800 американски долари, помалку во споредба со „кју5 спортбек“ (Q5 Sportback), „кју4 е-трон“ е добар предвесник за идните електрични возила од „Ауди“.
Кабриолет: мерцедес АМГ СЛ (Mercedes-AMG SL)
Годинава донесе модерен изглед на познатиот модел, „мерцедес бенц СЛ“ (Mercedes-Benz SL). (Имав „560 СЛ“ од 1988 година, па бев многу љубопитен да видам како новата верзија на „мерцедес АМГ СЛ“, да, сите тие се кабриолети, ќе се покаже во споредбата.
Не споделува никакви компоненти со своите претходници, единствено што им е заедничко е името. Но тоа не ми пречи. Бев среќен кога мојот оригинален СЛ можеше да одржува брзина од 80 милји на час по автопат. Новиот навистина требаше да се обидувам за да го држам под контрола. Доаѓа со мотор V8 би-турбо, со 577 коњски сили. Има време на забрзување од нула до 60 милји на час од 3,5 секунди и максимална брзина од околу 200 милји на час. Како што напишав во мојата рецензија, СЛ демонстрира возбудлив вртежен момент, стабилност и рамнотежа, делумно благодарение на новата архитектура развиена од АМГ (AMG), сложената композитна шасија што ја максимизира цврстината и првиот погон на сите тркала нагоден од АМГ. Вози прекрасно.
Новиот СЛ има две задни седишта и доаѓа само со мек покрив, кој се активира за 15 секунди. (Оригиналот нуди тврд покрив за отстранување, но без задни седишта.) Вкупниот простор на багажникот е помал од осум кубни стапки, приближно доволно за да се чува торбичка за голф или чанта за совршен одмор. Цената започнува од 137.400 долари, колку што би потрошиле на конкурентите, како што е „порше 911 карера С кабриолет“ (Porsche 911 Carrera S Cabriolet).
Хиперавтомобил: римац невера (Rimac Nevera)
Чисто електричните хиперавтомобили, иако технички се реални, сепак се некако хипотетички. Направени се само многу малку. Невозможно е да се знае точно колку, бидејќи овие компании не мора да објавуваат бројки за производството, но слободно може да се каже дека има помалку од 100 во рацете на клиентите низ светот. Возев неколку од нив и со нетрпение очекувам повеќе. Најдобриот од многуте е „римац невера“, ѕверот со 1.914 коњски сили, кој штотуку го собори рекордот за најбрзо електрично возило на планетата. (Максималната брзина е 256 милји на час, а од нула до 60 милји на час се потребни 1,85 секунда.) Чини 2,1 милиона долари. Изгледа како нешто што би сакале да го возите во Лас Вегас за време на врвот на еуфоријата за Формула 1 следната година, додека сите ваши непријатели од средно ве гледаат како пристигнувате. Тоа е некоја состојба целосно спротивна на неопходноста.
„Римац невера“ е доследен на тешка задача: нè возбудува сите околу тоа што може да направи еден електричен автомобил. Уште поважно, во основачот „Мате Римац“ и делумниот сопственик „Порше“ (Porsche) има цврсто, стабилно лидерство и моќна поддршка што му е потребна за да ги обезбеди својата долгорочна одржливост и успех. Со нетрпение го очекувам она што следува.