Последна работна недела од 2022 година. Последна шанса да се завршат некои работи што не сме успеале во текот на целата година. Но дали е можно само за ден, два или три да се направи нешто за да се подобри начинот на живот, работата или околината? Секако дека е претешко само за неколку дена да надоместиме нешто што можело да се сработи во текот на целата година, па дури и повеќе. Конечно, ќе се сведеме на истата рутина од крајот на секоја година: да размислиме во што сме успеале, што требало, а не сме направиле или не сме успеале и особено е важно прашањето дали сме можеле да подобриме нешто, а не се случило тоа.
Личните успеси се лични заслуги, но кога се во прашање очекувањата на граѓаните, одговорноста за тоа е на нивните избраници - на градоначалниците, на пратениците, па и на извршната власт. За некои работи се потребни многу пари, за други малку. За сите е потребно да се има волја, да се исполнуваат ветувањата и волја да се подобри животот на граѓаните. За жал, во една од најпредизвикувачките години досега, нашите избраници, мораме да констатираме, не направија многу да бидеме среќни и задоволни.
Ќе речеме дека можевме да имаме накитено Скопје и претпразнична атмосфера во текот на цел декември, но, за жал, имаме Скопје што личи на слики од Романија пред падот на Чаушеску (позајмена компарација од социјалните мрежи, која доста се совпадна со нашите размислувања).
Можевме да имаме повеќе странски инвестиции, ама, за жал, повеќе ги има во Србија.
Можевме да имаме нормални учебници, но, за жал, ги имаме цело полугодие подоцна и, згора на тоа, полни со грешки.
Можевме да имаме нормален и функционален град, со ефикасен јавен превоз, што ќе придонесе за повеќе луѓе во автобуси, а помалку во автомобили и помало загадување, но, за жал, имаме метеж и нервози по улиците, смрзнати луѓе, бидејќи чекаат на автобуските станици и по 30-40 минути, некогаш дури и подолго, затоа што некои од автобусите што се напишани според возниот ред едноставно не поминуваат.
Можевме да имаме пониска инфлација, ама, за жал, имаше и такви што ја злоупотребуваа ситуацијата за сопствени цели, како меѓу производителите, така и меѓу трговците.
Можевме да имаме повеќе велосипеди и подобра велоинфраструктура, но никој не мисли на тоа.
Можевме да имаме повеќе лекови за разни ретки болести, но, за жал, секојдневно слушаме апели за реакција од надлежните, со цел да им се понуди соодветната терапија на засегнатите граѓани.
Можевме да имаме бум на пазарот на трудот, ама, за жал, голем дел работници ни бегаат во странство за постојана или сезонска работа.
Вакви „можевме, ама за жал...“ има до недоглед. А сето тоа можевме барем малку да го поправиме во 2022 година, ама, за жал, не успеавме. Разговаравме со различни профили граѓани и побаравме нивно мислење за тоа што можевме во 2022 година.
Одговорите во извесна мера се различни, во зависност од професијата на анкетираните, но, сепак, многу од нивните ставови се испреплетуваат околу корупцијата, функционалноста на државата, аерозагадувањето и недоволната реакција во пресрет на низата кризи со кои се соочуваме.
„Во 2022 година во Македонија не се случи ништо спектакуларно различно од страна на политичките власти, исто како што беше случај и во последните триесетина години, од причина што партизацијата продолжи во сите сфери и гледаме дека секоја политичка елита ја пополнува јавната администрација со политички кадри наместо со професионалци. Затоа, наместо ефективна, имаме генерално нефункционална администрација и има спрега на политички центри на моќ меѓу институциите, особено во судството и во т.н. македонски и албански политички блок“, вели Благојче Атанасовски, политиколог, кој критикува за апатичност и во делот на политиката.
„Од аспект на политичката култура, гледаме катастрофални односи, без никаков политички дијалог. И тоа што требаше да претставува отворање преговори, заврши со уцени од Софија и, за жал, наместо да се подобруваме со отворање на преговорите и поглавјата, ние повеќе ја трошиме енергијата за задоволување на потребите на официјална Софија“, вели Атанасовски.
Тој потенцира дека апсолутно ништо не се смени ниту во делот на загадувањето на животната средина, тема што во последните седум-осум години особено беше користена за собирање дневнополитички поени.
„Сега, на пример, на централно ниво имаме една власт, на локално друга, а пак Скопје е меѓу најзагадените градови на листата во светот. Понатаму, од аспект на економијата и повлекувањето соодветни потези во тој дел, гледаме само популистички мерки, како покачување на минималната плата или некоја еднократна помош, но не се креира здрава конкурентна економија, особено што нема развојни политики. Катастрофа е што не се вложува во капитални проекти, особено во делот на енергетиката и инфраструктурата, бидејќи тие најмногу ќе придонесат за справување со кризите, а особено за да креираат раст и развој и да отворат нови работни места. Не гледаме ништо од тоа“, вели политикологот Атанасовски.
Нашите соговорници издвојуваат многу проблеми што можеби сме можеле да ги намалиме или целосно да ги решиме, но, за жал, листата постојано се зголемува.
„Вистинскиот одговор е дали сакавме, а можевме“, вели Марјан Николовски, уредник во ТВ Сител и познавач на црковните прашања и надворешните односи на земјава. Неговата листа е навистина долга.
„Можевме да бидеме подржава од она што бевме во 2021-та, а не сме...
Можевме да имаме барем пет проценти повисока доверба во судството, а не да ги изгубиме и оние осум проценти...
Можевме да имаме за нијанса подобро образование, а ние имаме неписмени учебници...
Можевме да имаме 10 километри нов автопат, а имаме 100 километри оштетени патишта...
Можевме да имаме и подобра политичка култура, а имаме највисока меѓупартиска омраза...
Можевме да имаме одговорна опозиција, а имаме деструктивен популизам...
Можевме да бидеме еден чекор понапред кон Брисел, а ние сме три чекори поблиску до Москва...
Можевме да имаме вистинска автокефална црква, а заглавуваме во нечии нецрковни интереси...
Можевме да бидеме и побогати дома, но ние сме ем посиромашни ем помалобројни...
Многу можевме... но веројатно или не сакавме или не знаевме...“, заклучува Николовски.
Се чини дека корупцијата, која е распространета во сите канали, е една од клучните причини за незадоволство на граѓаните.
„Во секоја нова година имаме сè полоша ситуација. Свесни сме за зголемена корупција, наместо да гледаме борба со корупцијата. Претпоставувам дека обичниот граѓанин, кој не се занимава со политика, ќе ја изгуби секоја волја за дејствување и наместо да менува нешто, ќе гледа да си го фати патот надвор од државата и ќе останат само тие во администрација и во парламентот, бидејќи буквално ништо не се менува веќе 30 години. Дури и загадувањето на воздухот е исто или полошо, што е ужасно и очајно“, вели Џон Илија Апелгрен, врвен џез-музичар.
Сепак, уметниците, особено музичарите, дојдоа до здив по за нив убиствениот период на пандемија, бидејќи беа дел од професиите што најдолго и најсилно беа погодени од превентивните антиковид-мерки.
„Од аспект на музичката уметност, 2022 година, разбирливо, беше подобра од 2021-та и 2020-та, години што беа тотално девастирани за занимавање со музика поради неспособноста на Владата да се справи со мерките против ковид за сите професии. Но, сепак, 2022-та е тешка поради тоа што ковидот заврши, но почна економската криза, односно сè поскапе, луѓето престанаа да трошат колку што трошеа пред ковид, што значи дека има помалку приходи за угостителите, помалку пари за коктели, прослави, а со тоа и помалку пари за музика во живо. Концертната публика се врати, тоа е добро, но да видиме како ќе се одвива патот кон нови музички победи и концерти“, вели Апелгрен.
Бизнисмените очекуваат поефикасна држава и поголеми инвестиции во развојот на човечкиот капитал.
„Пред сè, можеше да се инвестира во лично знаење, да се подигнат капацитетите, и индивидуалните на луѓето и кај институциите и правните лица. Како луѓе, малку повеќе можевме и можеме да се осврнеме на квалитетот на животот и подигнувањето на физичките, менталните и духовните капацитети. Главна работа кај сите луѓе е да размислат, да направат ретроспектива и сумирање што направиле за себе и за другите и дали тоа што го знаат го споделиле на прав начин“, вели Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.
Според него, мора да се определат приоритети на фокусот и кога станува збор за индивидуата, но и за компаниите и за државата.
„Државата мора да се осврне да бидеме подобри во економијата и економското работење, да се намалат непотребните трошоци, времето, процесите, губењето време во објаснување без резултати и чекори без резултати. Главен фокус во делот на економијата треба да биде оптимизација на живеењето и работењето, односно да се стави фокус на повеќе резултати“, вели Миле Бошков.
Заштитата на животната средина и справувањето со енормното загадување не се само аларм од активистите туку се чини дека се проблем за сите граѓаните, и тоа проблем што го истакнуваат меѓу приоритетите и за кој бараат итна реакција.
Но во борбата со аерозагадувањето, активистите прстот го вперуваат и во граѓаните, од кои очекуваат поголема ангажираност во борбата за остварување на основните човекови права, како правото на чист воздух.
„Од аспект на активист, мислам дека оваа година требаше да имаме законски измени, каде што самиот закон ќе предвидува сите индустриски објекти со А и Б интегрирана дозвола да мора да имаат 24-часовен континуиран јавен мониторинг на загадувачките супстанции што ги испуштаат во воздухот. На тој начин ќе знаеме колку загадува секоја индустрија и дали навистина се само домаќинствата, како што сакаат да тврдат многумина од надлежните, и колкав процент отпаѓа на индустријата“, вели Горјан Јовановски, екоактивист, креатор на апликацијата „Мој воздух“ и независен член на Советот на Град Скопје.
„Од граѓански аспект, иако сепак на некој начин пак ќе биде поврзано со спомнатото, мислам дека требаше многу повеќе да се активираме како граѓани во политиката на локално ниво, земајќи предвид дека на локално ниво имаме многу повеќе независни советници во советите во општините. Така што се надевам дека во 2023 година ќе се активираме како граѓани и дека нема да ни заврши нашата граѓанска должност само со изборите, туку ќе бидеме вклучени цело време, бидејќи тоа е наша должност, да се грижиме да имаме правилен, одржлив, инклузивен развој на нашите градови“, вели Горјан Јовановски.
Во секој случај, активистите очекувале поголема одговорност од надлежните во делот на справувањето со енергетската криза, особено зашто беше очекувана.
„Од аспект на активист, може да констатирам дека многу полошо се справуваме со економската и енергетската криза, сериозно потфрлување. Ако е како што велат дека најголем дел од инфлацијата е увезен, тоа е сериозно потфрлување на државата, односно Владата, која многу лошо се справи со набавката на енергенти, иако знаеше дека ќе има криза“, вели Кирил Ефремовски, екоактивист.
Од аспект на граѓанин, тој го истакнува проблемот со корупцијата во земјава.
„Воопшто не мрднавме во борбата со високата корупција и организираниот криминал и тоа нè доведе до уште посериозен пад на довербата во институциите. Ситуацијата е поалармантна сега отколку пред две или три години“, вели Кирил Ефремовски.
Забелешки има и од претставници на синдикатите. Според Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати, ако државата се фокусираше повеќе на економија наместо на политика, полесно ќе се поминеа кризите.
„Ние се занимаваме со политика наместо со економија и затоа економијата тоне. Доказ за тоа е што од март 2020 година загубивме 120.000 работни места, од 810.000, сега имаме 690.000 работни места. Тоа е загрижувачка бројка и нешто страшно што се случува во Македонија, главно со иселувањето, што претставува економски пропаст. Редно време е државата да се занимава со економија, за да се подобрат стандардот и животот на граѓаните“, вели Ралповски.
Во делот на неговата област, синдикалните права, Ралповски вели дека очекува повеќе да се почитуваат законите, за да бидат побезбедни и подобри условите за работа. Тоа, според Ралповски, треба да биде предизвик за следната година, особено кога станува збор за законите што најмногу ги засегаат работниците, како Законот за трудово право, за минимална плата и работни односи, како и делот со колективните договори, каде што, според него, се регистрираат многу прекршувања.
Кога разговараме со синдикалци, невозможно е да не ги издвојат како приоритет подобрувањето на работничките права и нивното почитување.
„ССМ за 2022 година постави три цели: недела неработен ден, минимална плата од 18.000 денари и потпишување општ колективен договор за јавниот сектор. Од трите, две цели успеавме да ги реализираме, а тоа се недела неработен ден и покачување на минималната плата, иако никој не веруваше во тоа. Досега не видовме дека кој било од бизнисот затвори од имплементацијата на овие законски одредби. Уште повеќе, се покажа дека минималната плата од 18.000 денари дури е и премалку во услови на енормна инфлација. Остана неисполнета третата цел и ние ќе чекаме до последно да нè повикаат за потпишување на општиот колективен договор за јавниот сектор. Во спротивно, останува цел што треба да се исполни во 2023 година“, вели Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Тој напоменува дека остануваат и заложбите за раст на преостанатите плати во согласност со минималната, за да не дојде до изедначување на платите за различни позиции. Инаку, минималната плата се коригира во согласност со растот на просечната, бидејќи законот одредува минималната да не може да изнесува помалку од 57 отсто од просечната плата.
„Државата во 2022-та, година со најголема економска криза и двоцифрена инфлација, не мрдна за работниците во ниеден сегмент и не им помогна на тие со најниски плати, велејќи дека линеарното зголемување од 2.806 денари како ад хок одлука не е решение, туку тие сметаат дека тоа треба да се реши со методологија што засега никој не ја видел, не е подготвена, ниту ги решава проблемите со кои работниците се среќаваат во секојдневието, а тоа се обезвреднети плати, ценовни шокови по продавници, зголемени сметки за струја, сега и зголемен данок за струја“, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија.
Кога зборуваме за можно а неостварено во 2022-та, секако дека гледаме и во позитивна насока, колку и да звучи тоа апсурдно. Неизбежно е да се споменат и најголемите спортски возбудувања во 2022 година. Акцентот ќе го ставиме на фудбалската репрезентација, чиј успех во борбата за пласман на Мундијалот беше историски. Во кругот од четири најдобри селекции преку Лигата на нации, Македонија играше т.н. мало полуфинале, кога ја победи Италија, а не успеа во т.н. финале против Португалија, последната пречка, која ако ја надминеше, македонската репрезентација за првпат ќе се најдеше на Светско фудбалско првенство.
„Можевме да се пласираме на Светското првенство, но не успеавме, го загубивме последниот натпревар од Португалија. Следна цел секако се фудбалските квалификации за Европското првенство“, вели Златко Андоновски од Фудбалската федерација на Македонија.