Извозот на електрични возила од Кина се зголеми повеќе од двојно во ноември, поставувајќи нов месечен рекорд, најмногу благодарение на европските производители на автомобили што го префрлија производството во земјата.
Производителите на автомобили во Кина извезле електрични возила во вредност од 3,2 милијарди долари во ноември, што е за 165 отсто повеќе од пред една година, достигнувајќи го највисокиот месечен вкупен извоз, покажуваат податоците на националните царински власти. Европските земји, како Белгија и Англија, се најголеми увозници, преземајќи речиси 70 отсто од испораките.
Извозот на електрични патнички возила сочинувал повеќе од половина од вкупните пратки на автомобили два последователни месеца, а ноември забележа рекордна вредност на извозот, од шест милијарди долари.
Бројките се објавени во моменти кога европските производители на автомобили, вклучувајќи ги „Фолксваген АГ“ (Volkswagen AG) и БМВ АГ (BMW AG), имаат цел да произведуваат делови и автомобили во Кина поради ограничениот производствен капацитет на нивниот домашен пазар. САИЦ (SAIC Motor Corp.), кинескиот сопственик на британскиот бренд „МГ моторс“ (MG Motors), исто така ја прошири својата дистрибутивна мрежа за продажба на електрични возила во Европа преку увоз. „Тесла“ (Tesla) испорача повеќе од 37.000 автомобили од Кина минатиот месец, откако извезе само 60 во март и ниту еден во април, кога го запре производството поради карантинот во Шангај.