Италијанските здравствени власти ќе започнат со тестирања за ковид на сите што пристигнуваат од Кина, откако беше откриено дека речиси половина од патниците на два лета до Милано се позитивни на вирусот.
Тестовите од Милано се анализираат за да се увиди дали има нови варијанти, се наведува во соопштението на Министерството за здравство. Ако се открие нов вид, официјалните лица може да воведат построги ограничувања за патувања од земјата.
Кина забележа ширење на вирусот откако тамошните власти се откажаа од строгите политики за нулта ковид. Неизвесноста околу обемот на ширењето ги поттикна земјите, вклучувајќи ги и САД, да разгледаат нови ограничувања за влез.
Повеќето од оние што биле позитивни на тестовите од Милано не покажувале симптоми. Но локалните медиуми објавија дека постои зголемена загриженост меѓу здравствените власти за новите варијанти на ковид што се јавуваат во Кина.
Италија беше првата европска земја што беше тешко погодена од ковид во почетокот на 2020 година.
Додека високата стапка на заразени патници ги стави властите во готовност, еден фактор во корист на Италија е нејзината висока стапка на вакцинација.
Повеќе од 80 отсто од луѓето се целосно имунизирани, според Светската здравствена организација, а многумина исто така примиле дополнителни дози. Приказната е слична низ поголемиот дел од Западна Европа.
Обединетото Кралство соопшти дека ќе се погрижи да го има потребниот надзор во однос на ситуацијата со ковид, но нема планови да воведе задолжително тестирање за пристигнувањата од Кина.
Во Германија здравствените власти „внимателно ја следат“ ситуацијата, според портпаролот на Министерството за здравство, Себастијан Гуелде.
„Немаме индикации дека во Кина се развила поопасна мутација, што би довело до прогласување на област со варијанта на вирусот и би резултирало со соодветни ограничувања за патување“, додаде тој.
Француското министерство за здравство исто така го следи развојот на настаните и посочи дека е „подготвено да ги разгледа сите корисни мерки што би можеле да се применат во соработка со европските партнери“.