Едно од најпопуларните места за ручек во Дубаи трајно се префрла на четиридневна работна недела. ЛПМ (LPM Restaurant & Bar), порано познат како „Ла петит мезон“ (La Petite Maison), вели дека келнерите, готвачите и другите членови на персоналот ќе имаат подолги смени два дена и ќе имаат три слободни дена неделно во двете негови филијали во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Генерално, членовите на персоналот ќе работат помалку часови неделно и ќе ја задржат истата плата.
Францускиот ресторан ја прави промената во обид да ги привлече и задржи најдобрите вработени во озлогласената индустрија под висок притисок.
„Навистина беше неопходно да се дејствува. Во ера кога сите зборуваат за рамнотежа помеѓу работата и животот, можам да ве уверам дека туристичката индустрија никогаш не била позната по тоа“, вели Александра Одон, директорка за операции на Блискиот Исток во ЛПМ. Овој потег доаѓа додека компаниите и владите низ светот експериментираат со четиридневната работна недела.
Некои студии за пилот-програми минатата година заклучија дека намалените или компресираните работни часови биле добри и за бизнисите и за вработените. Во Обединетото Кралство, 88 проценти од компаниите што ја испробаа скратената работна недела минатата година рекоа дека новиот распоред функционира добро.
Во идеална поставеност, вработените ќе ги намалат своите часови неделно за цел работен ден, но ќе ја задржат истата плата. Во ЛПМ персоналот ќе работи три часа помалку од претходно. Други ресторани низ светот, исто така, почнаа да експериментираат со распоредот на нивниот персонал.
„Четиридневната работна недела почесто се испробува во технологијата, финансиите, професионалните услуги или други канцелариски работи, отколку во угостителскиот сектор“, вели Џо О'Конор, директор и коосновач на центарот што се занимава со намалување на работното време. Тоа е делумно затоа што има помалку застој во рестораните: помалку состаноци што би можеле да се одржат по електронски пат.
„Тоа веројатно бара малку поиновативен пристап“, вели О'Конор. Сепак, тој гледа успех во идејата. „Некои ресторани автоматизираа одредени процеси, како што се резервации или плаќања, додека други отидоа толку далеку што го променија распоредот на просториите за да им обезбедат на келнерите пократки маршрути помеѓу две точки“, вели тој. „Компаниите што нудат иста плата за помалку часови добиваат поплава од резимеа и имаат ниска флуктуација на работници“, вели О'Конор.
Во ОАЕ веќе има скратена работна недела за вработените во јавниот сектор. Пред една година земјата го премести својот официјален викенд во сабота и недела, во согласност со глобалните деловни распореди, а петокот, кој е важен верски ден, направи да биде половина работен ден за повеќето владини службеници. Емиратот Шарја, северно од Дубаи, се преорганизира со четиридневна седмица, целосно отфрлајќи го половината работен ден во петок.
ЛПМ ја испроба новата работна недела неколку месеци на секоја локација: Дубаи, со 110 члена на персоналот, и Абу Даби, каде што има 67 вработени. Оперативниот персонал, односно администрацијата, не се вклучени во новиот распоред, туку само вработените во предниот и задниот дел од угостителските објекти. Иако некои луѓе рекоа дека мора да се приспособат на новата рутина, сепак немаше поплаки, велат оттаму.
ЛПМ сака да го прошири концептот и во своите други ресторани на Блискиот Исток, во Катар и Саудиска Арабија. Следењето на примерот во нивните други четири филијали, во Кипар, Лондон, Мајами и Хонгконг, може да се покаже како покомплицирано, сметаат од компанијата, делумно затоа што законите за работни односи се разликуваат.
„Сите ја знаеме изреката 'среќен персонал, среќен гостин'. Нема друг начин да се работи“, велат од компанијата.