Џиновска туна е продадена на аукција за 36 милиони јени (275.000 долари) на свечената прва продажба во новата година на рибниот пазар Тојосу во Токио, што ја означи првата добивка во последните четири години и сигнализира дека луѓето се враќаат да трошат во ресторани и барови.
Сината туна, тешка 212 килограми, била уловена кај Ома, во северната префектура Аомори. Со 170.000 јени за килограм, ова е повеќе од двојно од вредноста од првата продажба од претходната година, според претставник на Тојосу. Сината туна од Ома е позната како „црн дијамант“ поради нејзината висока вредност.
Трговецот на големо со морска храна Јамајуки се здружи со синџирот за суши „Онодера груп“ за да победи на аукцијата трета година по ред, според портпаролот на „Онодера“. Туната ќе биде исечена и послужена во ресторанот на „Онодера“ во трговскиот кварт во Омотесандо, Токио, в четврток.
Ваквата ситуација најверојатно сигнализира дека во Јапонија е во тек закрепнувањето по пандемијата, бидејќи луѓето се враќаат во рестораните и баровите. Сепак, годинешната цена сè уште е далеку од рекордот од 333,6 милиони јени, поставен во 2019 година од сопственикот на синџирот за суши Кијоши Кимура.
Цените на првите аукции во Јапонија, кои вклучуваат од морска храна до овошје, обично се повисоки од вообичаените, бидејќи понудувачите се обидуваат да ја искористат пригодата за да ја прослават новата година и да ги рекламираат своите брендови.