Војводата од Сасекс тврди дека бил физички нападнат од својот брат поради бракот на помладиот принц со Меган Маркл.
Во протечен извадок од неговата автобиографија „Spare“, до весникот „Гардијан“, принцот Хари тврди дека конфронтацијата се случила во неговиот дом во Лондон, во 2019 година, по што тој добил видлива повреда на грбот, откако принцот од Велс го грабнал за јаката и му го скинал ланчето пред да го собори на подот.
Хари понатаму тврди дека Вилијам ја нарекол американската актерка „тешка“, „груба“ - коментари за кои помладиот брат посочил дека го отсликуваат „наративот на печатот“ за неговата сопруга.
Според весникот „Гардијан“, „необичната сцена“ е „една од многуте во ’Spare’“, која треба да биде објавена на 10 јануари.
Од весникот нагласуваат дека успеале да добијат копија од книгата и покрај „строгата безбедност пред нејзиното објавување“.
Во статијата понатаму се наведува дека, според Хари, неговиот постар брат сакал да разговара за „целата катастрофа“ во однос на неговата врска и борбата со печатот.
Но кога Вилијам пристигнал во Нотингем котиџ, каде што тогаш живеел Хари, на имотот на палатата Кенсингтон, принцот од Велс веќе бил со зовриен темперамент.
„Откако Вилијам се пожали на Меган, пишува Хари, му кажав дека го повторува наративот на печатот и дека очекував подобро од него“, стои во објавата на „Гардијан“.
Но, според него, Вилијам не бил рационален, што довело до тоа двајцата да почнат да викаат еден на друг.
Потоа биле разменети навреди меѓу двајцата мажи, Вилијам тврдел дека само се обидува да помогне, тврдења што Хари ги сметал за неискрени и му го кажал тоа на својот брат, што многу го налутило Вилијам. Толку многу што, како што пишува Хари, принцот од Велс зачекорил напред, плашејќи го.
Тој пишува: „(Вилијам) ме нарече со лош назив, а потоа ме нападна. Сè се случи многу брзо. Толку многу брзо. Ме фати за јаката, ми го скина ланчето и ме собори на подот. Јас паднав на сад за кучешка храна, кој пукна под мојот грб, парчињата се втиснаа во мене. Лежев за момент, зашеметен, потоа станав на нозе и му реков да излезе“.
Хари пишува дека Вилијам го повикал да возврати, но тој одбил. Меѓутоа, кратко потоа, постариот брат се извинил.
Тогаш Вилијам побарал од својот брат да не ѝ кажува на Меган за конфронтацијата, што резултирало со тоа Хари да му рече: „Мислиш на тоа што ме нападна?“, на што Вилијам одговорил: „Не те нападнав, Харолд“.
Хари додава дека не ѝ кажал веднаш на сопругата, но таа забележала „гребаници и модринки“ на неговиот грб.