Во Европа има невообичаено топла зима, а ски-центрите на Алпите се соочуваат со недостиг од снег. Луѓето својот одмор планиран за скијање го пренаменуваат за јавање и други активности на планина. Дури и места како познатото швајцарско алпско село Фербир месецов ги затвориja ски-патеките на 1.650 метри. Искрено да зборуваме, сликите од зимските одмори се премногу зелени.
„Тоа предизвика многу проблеми, некои луѓе останаа заглавени во одморалиштата каде што нема многу работа ако нема снег. Нема скијање, нема снег, а превозот до областите со снег чини цело богатство“, рече Фрејзер Вилкин, директор на компанијата за зимски скијачки одмор „Сноу вајс“ (Snow Wise) од француските Алпи, во разговор за Блумберг ТВ.
Но постојат и добри вести. Некои помалку очигледни места уште имаат доволно снег за јануарските ски-љубители. Вилкин вели дека во одморалиштата на повисока надморска височина во проблематичните области, како што е Валдизер, уште има доволно снег, но се попрометни од вообичаено, бидејќи одморалиштата на пониска надморска височина не работат.
Во моментов секаде на Алпите има потпросечни количества снег. Секако дека некои луѓе отпатуваа до најубавите скијалишта без намера да скијаат. Таков е случајот со клиентите од туристичките агенции со седиште во Дубаи.
„Многу луѓе од овој регион сакаат да одат на дестинации познати по скијањето без оглед дали знаат да го прават тоа или не и без разлика дали пределот е подготвен за скијање или не“, велат од туристичката агенција „Гасана ал Катиба“ (Ghassana Al Khatiba), чие седиште е во Дубаи. Од агенцијата велат дека има една група туристи, на пример, што ќе одат на едно скијалиште на француските Алпи во март, а никој од нив воопшто не знае да скија, а нема ниту желба да научи. „Тие само сакаат да бидат таму и да го покажат тоа на Инстаграм“, велат од агенцијата.
Според Вилкин, ако сте резервирале подоцна во текот на сезоната, немојте да паничите, бидејќи дотогаш може да падне доволно снег. Но ако имате намера наскоро да патувате, тогаш не мора да одите дури до Ваил или Јапонија за да пронајдете снег.
„Падините на Доломитите се во многу добра состојба. Како и на многу други зимски дестинации, би сакале да видиме малку повеќе снег оваа година, но тоа е само од естетски причини. За нас во моментов скијањето е совршено“, вели Тереза Унтерхинтер, сопственичка на планинскиот хотел „Форестис“ во Јужен Тирол.
Доломитскиот предел се подготвува за своето вивнување во ѕвездите кога станува збор за скијачките патеки, бидејќи ќе биде домаќин на Зимските олимписки игри во 2026 година. Најдобрите опции за да стигнете дотаму се да летате до Венеција, Милано или Минхен, во зависност од вашата конечна дестинација, и потоа да се возите низ сликовитите предели.
Ги издвојуваме осумте најдобри места во Европа каде што има доволно снег за скијачите.
1. ИТАЛИЈА
*Мадона ди Кампиљо (Madonna di Campiglio)
Северноиталијанскиот ски-центар е главна точка за пристап до Брентските Доломити, преку својата позната врска „Виа ферата“ (патека за качување) и е едно од најдобрите места за зимски спортови во Италија. Таму редовно се одржуваат трки во рамките на Светскиот куп во алпско скијање и сноубординг. Има умерени ветришта во текот на зимата, а опкружувањето е многу живописно, со големата шумска долина.
Највисока точка: 2.504 метри
Отворени жичници: 57 од вкупно 58
Сан Мартино ди Kастроца (San Martino di Castrozza)
Само на два часа возење од аеродромот во Венеција, ова одморалиште се наоѓа во природниот парк Пале ди Сан Мартино (Pale di San Martino), кој претставува збиралиште на многу планинари.
Највисока точка: 2.357 метри
Отворени жичници: 18 од вкупно 21
Вал Гардена
Вал Гардена е во срцето на Доломитите и е дел од областа Доломити Суперски, мрежа од 12 скијачки делови што може да се истражат користејќи само една ски-карта. Има патеки што се еднакво привлечни и за почетници и за искусни скијачи. Погледот кон падината го вклучува и кањонот со заледени водопади.
Највисока точка: 2.518 метри
Отворени жичници: 79 од вкупно 79
Рачинес-Џово (Racines-Giovo Racines)
Позната и како Рачингс (Ratschings), областа се наоѓа од италијанската страна, веднаш до границата со Австрија, што значи дека многу луѓе зборуваат германски. Пределот располага со 28-километарска патека за скијање, која е совршена за средно напредни скијачи.
Највисока точка: 2.100 метри
Отворени жичници: 8 од вкупно 8
Австрија/Швајцарија
Ишгл/Замнојн (Ischgl/Samnaun Ischgl)
Ова одморалиште е сместено високо во западниот дел од Австрија, блиску до швајцарската граница, и е исполнето со традиционална дрвена архитектура и планински куќички совршени за фотографии. Многу жичници овозможуваат пристап и до големото скијалиште Силврета (Silvretta). Швајцарскиот дел, Замнојн, е познат по прекуграничните патеки и сончевите терени позиционирани на јужна страна.
Највисока точка: 2.872 метри
Отворени жичници: 37 од вкупно 41
Австрија
Вилдкогел-Нојкирхен/Брамберг (Wildkogel — Neukirchen/Bramberg)
Ако имате деца што учат да скијаат или ако сакате да стекнете сигурност во своите нозе, планината Вилдкогел е вистинското место за вас. Позната е како фамилијарна област, главно со лесни или средно тешки патеки, а се смета дека ја има и најдолгата патека за санкање во светот.
Највисока точка: 2.150 метри
Отворени жичници: 14 од вкупно 20
Обертојерн (Obertauern)
Ова е позната област за скијање и бордање во централна Австрија, место каде што „Битлси“ ги снимаа сцените за филмот „Помош“. Денес Обертојерн, кој е дел од покраината Салцбург, има повеќе од 100 километри долги патеки совршени за дневна рекреација.
Највисока точка: 2.313 метри
Отворени жичници: 24 од вкупно 26
Сент Јакоб-Деферегентал (St. Jakob in Defereggental)
Ова мало село лоцирано на јужната граница на Австрија, кое има само 864 жители, се гордее со тоа што е најстарото населено место во областа Источен Тирол. Изворно било наменето за летувалиште, кое својата привлечност како зимска дестинација ја разви во последните неколку децении. Интересен податок е тоа дека ова село е родното место на олимписката скијачка Ида Ладштетер.
Највисока точка: 2.683 метри
Отворени жичници: 7 од вкупно 7