Додека новата подваријанта на коронавирусот веќе е во пораст во Соединетите Американски Држави (САД), првиот случај на подваријантата на омикрон XBB.1.5, познат и како „кракен“, исто така беше откриен во Словенија. Во САД кракенот е одговорен за 40 проценти од сите инфекции со коронавирус.
„Досега ја идентификувавме подваријантата XBB.1.5 на коронавирусот само во еден примерок, кој беше потврден на 12 декември 2022 година, а пациентот потекнува од централниот дел на Словенија“, информираа од Институтот за микробиологија и имунологија при Медицинскиот факултет во Љубљана.
Кракен е најпреносливата подваријанта од сите досега откриени подваријанти, рече Марија Ван Керхове, технички лидер на Светската здравствена организација (СЗО) за ковид-19, на прес-конференција на 4 јануари.
Прочитај повеќе
Моќна е како чудовиштето: Сите детали за новата ковид-варијанта кракен
XББ.1.5 е „најпреносливата подваријанта што е откриена досега“
05.01.2023
Поради зголемениот број на заразени со коронавирус, словенечкиот Институт за национално здравје (NIJZ) подготви упатства за сите патници кои патуваат или се враќаат од Кина. Меѓу препораките се тестирање, носење маски и грижа за личната хигиена. NIJZ препорачува пред патувањето патниците да ги добијат сите потребни дози од вакцината против ковид-19, вклучувајќи ги и дополнителните.
Во рамките на Европската комисија, на 8 јануари оваа година беа усвоени и стапија на сила заедничките препораки на земјите-членки на Европската унија (ЕУ) за ризиците поврзани со болеста ковид-19 при влез на патници од Кина.
„Земјите членки на ЕУ се договорија до средината на јануари уште еднаш да ја проценат состојбата и да ги разгледаат мерките“, соопшти словенечкото Министерство за здравство.