Сообраќајниот метеж се враќа на голема врата. Додека заклучувањето и работата од дома можеби ги смирија нашите улици во текот на пандемијата, сообраќајот во многу градови низ светот сега е на или над нивото пред ковид-19.
Најлошите градови во светот за возење се наоѓаат во САД и Европа, според извештајот на INRIX Research, компанија за истражување на транспортот. Според резултатите, 42 отсто од урбаните области во Европа имаат повеќе метеж отколку пред пандемијата, а 39 отсто во САД. Ситуацијата е особено ужасна во Велика Британија, при што 72 отсто од урбаните области бележат поголем метеж.
Во Британија, просечен возач минал 80 часа во сообраќај во 2022 година, во споредба со 51 час во САД.
Боб Пишју, кој го составил извештајот, вели дека и покрај тоа што е „одлично да се види како граѓанскиот и комерцијалниот живот се враќаат во нормала“, метежот „се приближува, ако не и ги надминува, нивоата пред пандемијата“. Тој додава: „Мораме да го менаџираме сообраќајниот метеж додека ја подобруваме мобилноста и пристапноста во градовите за да избегнеме ситуација која ќе му наштети на економското закрепнување и ќе влијае на квалитетот на животот на патниците и жителите“.
Ова се петте градови со најлош сообраќаен метеж во 2022 година, по растечки редослед.
Градови каде што луѓето поминуваат најмногу време во сообраќај
(просечен број часови кои секој возач ги минал во сообраќај во 2022-та)
5. Њујорк
Три од првите пет места во 2022 година им припаѓаат на градови во САД, при што Њујорк е рангиран како трета најлоша локација во земјата. Возачите во Њујорк во просек минувале 117 часа заглавени во метежот, по цена од по 1.976 долари поради зголемено користење гориво и потрошено време.
Њујорк би можел да биде првиот град во САД што ќе воведе давачки за метеж, а предлогот би можел да биде реализиран до крајот на годината. Програмата ќе им наплаќа на некои возачи по 23 долари дневно за возење по Менхетен, јужно од 60-тата улица. Идејата беше опишана како „политички и економски експлозивна“ од Мет Фабијан и Лиза Вошбурн од Municipal Market Analytics во истражувачката белешка објавена минатата година.
4. Бостон
Возачите во главниот град на Масачусетс изгубиле во просек по 134 часа чекајќи во метеж, што е еднакво на трошоци од 2.270 долари по лице. Според извештајот, во 2022 година има огромен пораст од 72 отсто во изгубените часови во сообраќајот во споредба со една година претходно, кога градот се наоѓаше на 18-то место во светот.
Како и некои европски градови, Бостон има централно подрачје со историски знаменитости што не е особено погодно за автомобилски сообраќај бидејќи лентите се тесни.
Минатата година имаше посебни потешкотии во транспортот во Бостон, при што возот Orange Line што сообраќа низ центарот на градот беше надвор од функција 30 дена поради поправки. Во последниве години, беше предложена комисија за проучување на трошоците од застојот, иако на идејата беше ставено вето во 2021 година од тогашниот гувернер на Масачусетс, Чарли Бејкер.
3. Париз
Возачите во 2022 година изгубиле 138 часа во сообраќај во француската престолнина, што го прави вториот најлош град во Европа.
Сообраќајот е долгогодишен проблем во градот, каде во центарот има многу тесни и калдрмисани улички. Во 2022 година, сообраќајот во центарот на градот се одвивал со просечна брзина од 11 милји на час (18 километри на час).
Сепак, градот има амбициозни планови да ги трансформира своите патишта и да стане едно од местата во Европа кои се најпријателски за велосипедизам. Според „Plan Vélo: Act 2“, Париз ќе добие 180 километри постојани и одвоени велосипедски патеки до 2026 година и уште 180.000 места за паркирање велосипеди.
2. Чикаго
Градот во Илиноис е најлошо рангиран во САД во однос на сообраќајот, при што возачите минатата година во метежот потрошиле во просек 155 часа. Ова е скок од 49 отсто од 2021 година, кога Чикаго се најде на шестото место во светот во однос на сообраќајниот метеж.
Застојот го чинел секој возач во просек по 2.618 американски долари во 2022 година, при што возачите на најбавните улици во центарот на градот во просек возеле со само 11 милји на час, во споредба со 15 милји на час пред ковид пандемијата. Градските патишта се сериозно погодени од распоредите за работа од далечина, што го отежнува предвидувањето на сообраќајниот шпиц бидејќи луѓето користат возила во речиси секое време од денот, според CBS.
1. Лондон
Британската престолнина е најпрометниот град во светот втора година по ред, при што возачите во просек минале 156 часа заглавени во сообраќај во 2022-та, што е за пет отсто повеќе во споредба со ситуацијата пред пандемијата. Ова го чинеше градот 5,7 милијарди долари, или 1.377 фунти за секој возач, се посочува во извештајот.
Сообраќајот во Лондон е многу полош отколку во другите делови на Британија, нотира извештајот, кој покажува дека следните најпогодени градови биле Бристол, каде што возачите трошеле во просек 91 час и Манчестер со 84 часа.
Сите пет коридори кои најчесто се препорачува да се избегнуваат во Британија се во Лондон. Прва меѓу нив е делницата од А219 во западен Лондон, на која возачите во сообраќајниот метеж загубиле 47 часа во 2022 година.
Лондон е подготвен летово да ја прошири својата контроверзна шема за зони со ултра ниски емисии (ULEZ). Според ULEZ, на сопствениците на постари автомобили со поголема емисија им се наплаќаат по 12,50 фунти (15,22 долари) дневно за возење во внатрешните населби на Лондон. Во август, ULEZ ќе биде проширен за да го покрие целиот град, и покрај тоа што податоци покажуваат дека 59 отсто од жителите на Лондон се противат на овој потег. Во надворешниот дел на Лондон, 70 отсто од испитаниците се спротивставиле на проширувањето.