Двовалентната вакцина против ковид-19 на компанијата „Фајзер“ покажува потенцијална врска со мозочен удар кај лица постари од 65 години, покажуваат прелиминарни податоци од една од неколкуте бази на податоци за безбедноста на вакцините (ЦДЦ), објавија денеска американските здравствени власти.
„Потенцијален ризик од вакцината на ’Фајзер’ не беше забележан во другите бази на податоци за безбедност на вакцините, ниту пак беше воочен од вакцината против ковид на ’Модерна’ (Moderna Inc.)“, рекоа официјалните лица во изјава што е објавена на веб-страницата на Управата за храна и лекови. Оттаму додаваат дека ова е рано откритие, кое сè уште бара истрага, а препораките за вакцината не се променети.
„Секогаш кога ќе имаме сигнал, го бараме во другите делови на системот и тоа го направивме и сега (и ќе продолжиме да го правиме)“, рече Кристен Нордлунд, портпаролка на Центарот за контрола и превенција од болести во одговор на мејл.
Агенциите соопштија дека можната врска со мозочен удар е воочена во даталинкот на ЦДЦ што содржи податоци за безбедноста на вакцините. Испитувањето подоцна го отвори прашањето дали луѓето од над 65 години што примиле двовалентна вакцина на „Фајзер - Бионтек“ имаат поголема веројатност да добијат исхемичен мозочен удар, губење на протокот на крв во мозокот, во 21 ден по вакцинацијата во споредба со деновите што следуваат, односно од 22-от до 44-от ден, се наведува во соопштението.
Вкупните податоци во моментов сугерираат дека е многу малку веројатно сигналот во VSD да претставува вистински клинички ризик, се наведува во соопштението.
Двовалентниот засилувач на „Фајзер“ е специјално вооружен за заштита од две варијанти омикрон, наречени BA4 и BA5. Станува збор за РНК-вакцини против ковид што се поврзуваа со перикардитис и миокардитис, воспаление на срцето и неговото околното ткиво, кое обично е слабо.
„’Фајзер’ (Pfizer) и неговиот партнер ’Бионтек’ (BioNTech Se) се запознаа со ограничените извештаи за исхемичен мозочен удар во базата на податоци ЦДЦ-даталинк за безбедноста на вакцините (CDC Vaccine Safety DataLink) кај луѓе од 65 и постари од 65 години по вакцинацијата со двовалентната вакцина на компанијата“, рече портпаролот. „Нема податоци од кои може да се заклучи дека вакцината на ’Фајзер’ е причински поврзана со мозочен удар“, додаде портпаролот на компанијата.
Од 550.000 луѓе од над 65 години што биле вакцинирани и примиле двовалентен засилувач на „Фајзер“, 130 имале мозочни удари во првите три недели по добивањето на вакцината, покажува ЦДЦ. Не се пријавени смртни случаи.