Населението на Кина се намалило во 2022 година, што е прв пад на популацијата во последните 60 години. Оваа пресвртница е уште еден доказ дека втората по големина светска економија се соочува со сериозна демографска криза.
Кина на крајот на годината имала 1,41 милијарда луѓе, што е за 850.000 помалку отколку во 2021 година, според податоците на Националната агенција за статистика објавени во вторникот. Ова е прв пад од 1961 година, последната година од Големиот глад, за време на поранешниот лидер Мао Ѕедунг.
Во 2022 година се родени 9,56 милиони бебиња, што е помалку во однос на 10,62 милиони во 2021-та. Тоа е наедно и најниската бројка од 1950 година, а напорите на кинеската влада да го зголеми наталитетот не дадоа плод.
Во истиот период починале 10,41 милиони луѓе, додека претходните години оваа бројка била околу 10 милиони. Бројот на смртни случаи поврзани со ковид-19 нагло се зголеми откако властите неочекувано ја напуштија својата политика за нулта толеранција на вирусот. Бројот на смртни случаи поврзани со вирусот веројатно ќе се зголеми, бидејќи повеќе смртни случаи се забележуваат неколку недели по порастот на регистрираните случаи. Бројот на случаи во Кина и натаму расте.
Падот на бројот на жители е побрз од очекуваното, што може да влијае на економскиот раст преку помала побарувачка, на пример за новоградба. Поради тоа, на Кина веројатно ќе ѝ биде тешко да го преземе економскиот примат од САД, а земја со најголемо население наскоро би можела да стане Индија.
Уште во 2019 година, Обединетите нации предвидоа дека популацијата на Кина ќе расте до 2031 година, по што ќе почне да се намалува, но организацијата ги промени своите проекции минатата година, велејќи дека врвот би можел да дојде веќе во 2022 година. Работната сила во Кина веќе се намалува, долгорочната побарувачка за недвижен имот веројатно ќе падне уште повеќе, а пензискиот систем исто така ќе се најде на удар.
Пред Кина, Јапонија и Јужна Кореја забележаа пад на населението, но тие исто така се соочуваат со проблеми поврзани со стареењето на популацијата. Стапката на наталитет во Кина (бројот на новороденчиња на 1.000 жители) минатата година падна на 6,77, што е најниско ниво од 1978 година.
Податоците на агенцијата за статистика покажуваат дека 62 отсто од населението е работоспособно, што во Кина вклучува луѓе на возраст меѓу 16 и 59 години. Пред околу десет години жителите од оваа возрасна група сочинуваа околу 70 отсто од населението, што дополнително укажува на проблемите со кои ќе се соочи Кина поради стареењето на населението.