Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) утрово соопшти дека кај еден пациент е детектиран новиот подсој на омикрон познат како „кракен“.
„Кај еден примерок, од вкупно 32, е детектирана XBB.1.5 омикрон сублинијата позната како 'кракен'. Пациентот кај кој е детектирана новата сублинија е од Гевгелија, a примерокот е земен на 11.01.2023 година“, соопшти ИЈЗ.
ИЈЗ додава дека 32 примерока се позитивни на SARS-CoV-2, а селектираните примероци биле од месеците декември 2022 година и јануари 2023 година.
„Кај 8 примероци е детектирана BA.2 сублинијата на омикрон сојот. Кај останатите 23 примероци, е детектирана ВА.5 сублинијата на омикрон“, додава Институтот.
Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, во врска со сојот „кракен“ во четвртокот изјави дека сите податоци што досега ги имаат укажуваат дека повторно се работи за една варијанта која предизвикува благи симптоми и не се очекува неговото ширење драстично да го оптовари здравствениот систем.
Тој тврди дека нема простор за загриженост помеѓу граѓаните.
Според Петличковски, епидемиолошката состојба во земјата е стабилна, а сезоната на инфлуенца започна пред две недели и би требало да трае седум до осум недели.