Американскиот претседател Џо Бајден, на денешната прес-конфренција, најави дека САД ќе испратат 31 тенк „Абрамс“ во Украина, потенцирајќи дека помошта е наменета за да му се помогне на народот да ја одбрани и заштити својата земја.
„Нема офанзивна закана за Русија“, нагласи тој. „Доколку војниците се вратат во Русија, оваа војна би завршила уште денеска“.
Американскиот претседател за време на денешниот говор директно му се обрати и на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој денеска слави роденден. „Ние сме со вас колку што е потребно“, рече тој.
Бајден посочи дека рускиот претседател Владимир Путин очекувал оти поддршката на САД за Украина ќе опаѓа со текот на времето. „Тој погреши“, истакна Бајден.
„Ние сме обединети. Америка е обединета, исто како и светот“, рече Бајден, додавајќи дека одлуката за испраќање тенкови „Абрамс“ во Украина е „дополнителен доказ за непоколебливата поддршка за Украина“.
Тој соопшти дека разговарал и со германскиот канцелар, Олаф Шолц, францускиот претседател, Емануел Макрон, британскиот премиер, Риши Сунак и италијанската премиерка, Џорџа Мелони, за поддршката за Украина.
„Денеска објавувам дека САД ќе испратат 31 тенк 'Абрамс' во Украина, што е еквивалент на еден украински баталјон“, истакна Бајден и нагласи дека тенковите „Абрамс“ се најспособните тенкови во светот, но исто така се и исклучително сложени за ракување и одржување.
„Значи, на Украина ѝ ги даваме и деловите и опремата неопходни за ефикасно одржување на овие тенкови на бојното поле“, порача американскиот претседател.