Германија ќе воведе евтина месечна карта на национално ниво, почнувајќи од 1 мај, за да поттикне помасовно користење на јавниот превоз и пониски трошоци за граѓаните.
За 49 евра потрошувачите ќе може да патуваат со регионални возови, метро, трамваи и автобуси низ целата земја, се вели во соопштението на Министерството за транспорт на покраината Северна Рајна-Вестфалија. Овој потег е дел од напорите на земјата да ги намали емисиите на јаглерод во транспортниот сектор и се базира на искуствата со ултраевтиниот билет од девет евра, кој минатото лето беше воспоставен како пилот-проект. Мерката се покажа многу популарна меѓу Германците, кои продолжија да се борат со високата инфлација поттикната од енергетската криза.
Билетите ќе бидат пуштени во продажба веќе од 3 април, се вели во соопштението.