Локалните власти во Кина бараат начин да ги пренаменат импровизираните објекти наменети за карантин и изградени за време на пандемијата, откако строгите правила за нулта ковид, кои траеја со години, оставија многу од властите без доволно готовина.
Во североисточната крајбрежна провинција Шандонг, објект од 20.563 квадратни метри е претворен во привремени станови за работниците, наречени кондоминиум на квалификувани таленти. Лоциран во иновативната зона Џинан (Jinan Innovation Zone Intelligent Equipment City), еден од десетте високотехнолошки индустриски паркови во главниот град на провинцијата Џинан, комплексот ги отвори вратите на 26 јануари.
Властите рекоа дека идејата дошла откако добиле повратни информации за недостигот од сместување под наем во индустрискиот парк за работниците. Собите на објектот моментално се реновираат и на крајот ќе можат да вдомат 650 работници, со можност за додавање повеќе во зависност од побарувачката. Висината на наемот ќе биде разумна, а ќе ја одреди надворешна компанија за управување со имот врз основа на локални цени, се вели во соопштението. Иако паркот моментално е опкружен со пусти полиња, властите рекоа дека работат на создавање повеќе удобности, вклучувајќи фитнес-опрема и услуги во заедницата.
Претставниците на индустрискиот парк не одговорија на прашањата испратени преку електронска пошта, ниту на телефонски прашања од „Блумберг њуз“ (Bloomberg News).
Привремените карантински објекти во Кина станаа сеприсутни за време на пандемијата, бидејќи властите испраќаа таму и сомнителни и потврдени ковид-пациенти. Во некои случаи местата како стадиони и изложбени салони беа пренаменети во карантини, додека други беа набрзина изградени со употреба на материјали како контејнери за транспорт. Откако Кина во декември ненадејно се откажа од политиката на нулта ковид, објектите им останаа на локалните власти што вложуваа средства во нив, очајнички обидувајќи се да ги надоместат трошоците. Во некои градови, како Гуангжу, локалните власти решија целосно да ги затворат таквите објекти.