Блогерка за храна од Кина е казнета со 125.000 јуани (18.500 долари) откако објави видео на кое се гледа како незаконски купува и јаде месо од голема бела ајкула, што предизвика бурни реакции на интернет.
Девојката го прекршила кинескиот закон за заштита на дивиот свет кога го купила месото во април минатата година, а потоа го консумирала, се вели во соопштението на властите во Нанчунг, лоциран во југозападната провинција Сечуан. Официјалните лица ја идентификуваа оваа девојка како Џин, додека таа во своите видеа се претставува како Тизи.
Преку сајтот за купување „Таобао“, кој е во сопственост на групацијата „Алибаба“, Џин платила 7.700 јуани за месото од животното, кое Меѓународната унија за заштита на природата го прогласи за загрозен вид и чија популација нагло се намали.
Во јули 2022 година, оваа девојка постави видеа на социјалните мрежи Douyin и Kuaishou, на кои зема ајкула долга речиси два метра од продавница, позира до неа, а потоа готви и јаде. Видеото стана вирално во Кина, а многумина се пожалија на суровост кон животните.
Властите во Нанчунг почнаа да го истражуваат случајот со инфлуенсерката во август. ДНК тестот од остатоците од ткивото потврди дека се работи за голема бела ајкула, која е заштитена со кинескиот закон. Уапсени се уште две лица кои учествувале во фаќањето и продажбата.
Кина воведе целосна забрана за трговија и консумација на диви животни во февруари 2020 година, за да ги ограничи активностите за кои научниците тврдеа дека можеби се причина што смртоносниот коронавирус премина од животни на луѓе.
Кина официјално ја забрани супата од перки од ајкула пред една деценија, но потрошувачката на одредени егзотични, диви животни или нивни делови останува популарна, поради тврдењата за здравствени придобивки кои често не се докажани. Земјата неодамна ги измени своите закони за дивиот свет за да ги зголеми казните за ловокрадството и да ги забрани практиките како што се лов и јадење на повеќето диви животни, од мај.
Сепак, некои борци за заштита на растителниот и животинскиот свет тврдат дека овој напор не е доволен за да се забранат активности како што е одгледувањето во заробеништво.