Јамајската финансиска фирма што се најде во центарот на скандалот со проневера што силно го погоди олимпискиот спринтер Усеин Болт ја префрли вината на една вработена, за која компанијата тврди дека измамила уште 39 други клиенти, па дури и побарала заем од менаџерскиот тим на Болт за да ја прикрие својата шема.
„Стокс енд секјуритис“ (Stocks & Securities Ltd.) во соопштение испратено по е-пошта посочи дека менаџментот на Болт ѝ се обратил на фирмата на 11 јануари за да пријави дека вработена во ССЛ отишла во нивната канцеларија и признала дека фалсификувала изјави и ги украла парите на нивниот клиент. Таа, исто така, наводно побарала заем за да помогне во повратот на другите жртви, тврдат од ССЛ, од каде што не ја идентификуваат вработената.
Прочитајте повеќе: Усеин Болт во измама изгубил 12 милиони долари
И покрај признанието, таа „очигледно сè уште верувала дека може да ги позајми парите од менаџерскиот тим на Болт за да ги отплати другите оштетени клиенти на ССЛ“, соопшти фирмата со седиште во Кингстон. ССЛ посочи дека дисциплинска комисија на компанијата препорачала вработената да биде отпуштена поради „небрежност и груба некомпетентност“.
Минатиот месец адвокатите на Болт објавија дека на нивниот клиент му недостигаат повеќе од 12 милиони долари од неговата сметка. ССЛ посочи дека сè уште ги проценува вкупните загуби, но компанијата нагласи дека „огромно мнозинство клиенти не биле погодени од измамата“. „Осигурителната полиса на фирмата вклучува покритие за нечесност и фалсификат од страна на вработените во износ до еден милион американски долари, а исто така се прават напори вработените да се обврзат на реституција“, соопшти ССЛ.
Скандалот ја потресе Јамајка и ја натера владата да го назначи гувернерот на Банката на Јамајка, Ричард Бајлс, за шеф на финансиската комисија за хартии од вредност, организација што ги надгледува небанкарските финансиски субјекти како што е ССЛ.
Осумкратниот освојувач на златни олимписки медали Болт е меѓу најпознатите спортски икони, а неговата вмешаност во случајот ги наполни насловните страници низ светот.
„Настаните што се случија имаа огромни негативни последици за засегнатите клиенти и за вредниот персонал во ССЛ“, велат од фирмата.