Некои од државните германски банки излегоа со интересни решенија како да ги заштитат вработените од студот, бидејќи одлуката на властите бараше намалување на температурата во канцелариите за да се заштеди енергија.
Банката за финансирање проекти и извоз КфВ Ипекс дистрибуирала рециклирани памучни ќебиња за своите вработени во Франкфурт на почетокот на јануари, посочи портпаролката на банката. За да се почитуваат правилата, температурата во канцелариите е 19 степени.
Банката за развој Хелаба,, пак, нарачала елеци за вработените, кои пристигнале неделава и треба да обезбедат попријатна работна атмосфера и покрај температурата од 19 степени. Температурата во канцеларијата претходно била 21 степен.
Германија од септември воведе ограничувања за температурата во јавните згради за да ја намали потрошувачката поради енергетската криза. Сепак, банкарите во Хелаба и Ипекс се меѓу малкуте среќници што добиле вакви термални привилегии.
Европската комесарка за енергетика Кадри Симсон минатото лето рече дека заштедата на енергија треба да ѝ помогне на индустријата да избегне редукции. Меѓутоа, сега е јасно дека за тоа придонесува и релативно благата зима.
Германскиот банкарски гигант Дојче банк, чии канцеларии не спаѓаат под регулативата за ограничување на температурата, бидејќи е приватна банка, реши канцелариите да ги одржува на 20 степени, без ќебиња и елеци.
Инаку, според податоците на германскиот енергетски регулатор, домаќинствата и бизнисите премалку заштедиле на потрошувачката на гас во втората половина на јануари.
Како што се наведува, заштедите изнесуваат 8,6 отсто во однос на тригодишниот просек од 2018 до 2021 година.
Добрата вест е што складиштата за гас се добро исполнети, на ниво од 78 отсто, што е значително повисоко од целта на германската влада за 1 февруари, која изнесуваше 40 отсто.