Од утрово од шест часот цела Пелагонија е отсечена од останатиот дел од земјата. Патот Росоман - Прилеп е затворен за сообраќај. Од Центарот на управување со кризи (ЦУК) информираат дека се работи за голем одрон кај месноста наречена „Три ленти“, а на чистење на патниот правец работи изведувачот на работите на новиот пат преку Плетвар, кинеската компанија „Синохидро“. Причина за одронот се обилните врнежи кои почнаа вчера, а траат и денеска.
На пристоен пат преку Плетвар се чека три децении
За прилепчани и битолчани не е вест дека Плетвар е затворен. Овој патен правец често не функционира, што заради сообраќајни несреќи, што заради дожд или снег. Околу 200.000 жители на овие два града и околината од осамостојувањето чекаат пат кој ќе ги поврзе со Скопје, па сегашните два до три часа возење (со автомобил) ќе ги скрати на еден час до час и половина.
Заради неможноста да се реконструира патот кој води преку Дервенската Клисура и планинскиот превој Плетвар, власта се реши за паралелен, експресен пат Градско - Прилеп. Патот почна да се гради во 2016. Шест години подоцна – не е готов.
Изградбата почна во време на Владата на ВМРО ДПМНЕ, избрана беше шпанската фирма „Рубау“. Рокот за завршуваање беше 2018 година.
По смената на власта во 2017, „Рубау“ побара пролонгирање на рокот за изградба, а подоцна поднесоа и барање друг изведувач да ги преземе работите. Во 2019 договорот беше раскинат, за случајот се води спор пред Меѓународната арбитража во Загреб.
Државата и Шпанците имаат различни верзии за тоа како дошло до раскинување на договорот. Државата тврди дека фирмата немала тримесечна програма за работа, Шпанците тврдат државата не им ги исплаќала фактурите навреме.
Потоа работите на делницата што ја работеше „Рубау“ ја презеде кинески „Синохидро“, а новиот рок за изградба беше крајот на 2019 или почетокот на 2020. Најновиот рок е крајот на оваа година или до средината на следната.
Експресниот пат Градско – Прилеп е поделн на три делници и целиот проект чини над 64 милиони евра, најголем дел од парите се преку ИПА програмата и кредит од ЕБОР. Со овие 33 километри Прилеп и Битола ќе добијат поврзување со Коридорот 10, но уште поважно земјаава ќе добие поврзување со грчката граница и побрз пристап до пристаништето во Игуменица кое е исклучително значајно за бизнисот.
Прво свечено почнување на градежни работи за пат кон Пелагонија имало во 1994 година
Првата лопата за изградба на пат кој ќе ја поврзе Пелагонија со остатокот од земјата е фрлена во далечната 1994 година. На свеченоста присуствувал државниот врв предводен од тогашниот премиер, Бранко Црвенковски. Свеченоста се одржала на наплатната рампа Отовица кај Велес. Фирмата која требало да го гради патот била домашната градежна компанија Гранит.
Проектот за овој пат е преку планината Бабуна и е со должина од 35 километри. Никогаш не се реализираше, но сега повторно се актуелизира. И двете најголеми политички партии ветуваат дека патот преку Бабуна кој ќе ги поврзе Велес со Прилеп и Битола е приоритет во нивните предизорни програми.
Дождот предизвика проблеми на повеќе патни правци
Освен на патот Росоман Прилеп, облините дождови предизвикаа проблеми и на други патни правци. Одрони има на патот Неготино – Радовиш преку планината Серта, а на патот Дебар - Маврово кај Косоврасти повторно се отвори кратерот пополнет со песок. Механизација работи на терен, а надлежните препорачуваат внимателно возење.