Од почетокот на работењето на ТВ-тимот во Скопје, како „Блумберг Адрија“ снимивме голем број интервјуа, некои од нив во категоријата „Лидери“ (Leaders), каде што им даваме простор на компании што имаат значен удел во македонската економија, но, секако, и на фирми што се на почеток и се развиваат во успешни приказни.
Меѓу компаниите што беа дел од „Лидери“, првично довербата ни ја дадоа Живко Мукаетов, главен извршен директор на „Алкалоид“, Андреа Јосифовски, претседател на УО на „Макпетрол“, многу клучни луѓе од големите компании. Меѓу последните што ги работевме беа интервјуата со Марија Дуковска Павловска, генерална директорка на „Макстил“, и Горан Антевски, генерален менаџер од „Раде Кончар“.
Покрај оваа категорија на интервјуа, секојдневно им посветуваме внимание на актуелните теми и случувања во Македонија, преку дневните интервјуа и коментари што ги имаме во „Старт“ и „Премиум“. Но тука е и емисијата „Зум ин“, каде што половина час им е посветен на економските политики и бизнисот во Македонија, секако со компарација на случувањата во регионот и Европа. Па, така, на дневна основа, само последните неколку недели ги анализиравме случувања во автомобилскиот сектор, задолжувањето, најавите за увоз на работна сила, но и многу други суштествени теми, со релевантни гости.
Од оваа недела го издвојуваме интервјуто со генералниот директор за корпоративно банкарство во Стопанска банка, Тони Стојановски, кој во разговор за „Блумберг Адрија“ посочи дека банката годинава планира да продолжи со стапки на раст на кредитирање меѓу 7 и 10 проценти.
Банката е особено подготвена за кредитирање на големите инфраструктурни проекти што се во тек или се подготвуваат во Македонија, но Стојановски додава дека во зависност од тоа како ќе се движат стапките и од апетитот на бизнис-секторот за нови инвестиции, може да има и одредено намалување на побарувачката за кредити во наредниот период. Дополнително, Стојановски проценува дека инфлацијата годинава ќе остане меѓу главните предизвици за справување.