Американската војска никогаш не соборила објект во воздушниот простор на САД пред кинескиот балон над Јужна Каролина минатата недела. Сега тоа се претвори во речиси секојдневна појава.
Ненадејниот наплив на американски авиони што од небото „спуштаат“ неидентификувани предмети со мистериозно потекло предизвика толку голема загриженост - да не зборуваме за паника - што претставниците на Пентагон беа принудени да одговараат на прашања за тоа во неделата вечер, токму додека Американците се подготвуваа за втората четвртина од популарниот Супербоул. Еден новинар дури праша дали е можно предметите да се испратени од вонземјани.
„Не отфрлам ништо во овој момент“, рече генералот Глен ван Херк, командант на северноамериканската команда за воздушна одбрана.
Прочитај повеќе
САД го урнаа кинескиот балон, се чека реакција од Пекинг
Кина протестираше против потегот на САД и рече дека го задржува правото да одговори
05.02.2023
САД ќе санкционираат и кинески компании поврзани со шпионскиот балон
САД се подготвени да додадат и кинески компании на црната листа за извоз.
11.02.2023
САД повторно го отвораат воздушниот простор над Монтана по проверките
САД привремено наредија затворање на воздушниот простор за да се испита „аномалија на радарот“.
12.02.2023
Во реалноста, одговорот е веројатно поздодевен. Официјални лица посочија дека почнале повнимателно да го набљудуваат небото во деновите откако наводниот кинески шпионски балон прелета над територијата на САД, што предизвика и револт кај американската јавност и нова рунда тензии со Кина. Тоа доведе до соборување помали објекти над Алјаска во петокот, северниот дел на Канада во саботата и Мичиген во неделата.
„Повнимателно го проучувавме нашиот воздушен простор на овие височини, вклучувајќи и преку подобрување на радарите, што би можело барем делумно да го објасни зголемувањето на објектите што ги откривме во текот на изминатата недела“, изјави за новинарите помошник-секретарката за одбрана Мелиса Далтон.
Иако секој инцидент може да има разумно објаснување, прашањата за администрацијата на Бајден остануваат. Најдиректно: Дали Пентагон ќе крева борбени авиони секогаш кога ќе забележи нов објект - без разлика дали е тоа метеоролошки балон, летала на луѓе на кои тоа им е хоби и дронови - доколку потенцијално ја загрозува цивилната авијација или се приближува кон една од многуте воени локации низ земјата.
Двајцата функционери на конференцијата на Пентагон не можеа да одговорат на тоа прашање, а Ван Херк тоа го нарече „политичка одлука“. Далтон призна дека истражувачите и компаниите испраќаат на небото многу уреди „без никакви лоши намери, како на пример сосема легитимни истражувања“.
Неможноста на американските официјални лица да кажат нешто за изворите на последните три соборени објекти поттикна теории дека тие би можеле да бидат балони што пренесуваат сигнали до Кина или Русија, вонземски објекти или само отпад во воздухот.
„Има многу ѓубре таму горе“, рече членот на Претставничкиот дом Џим Химс, демократ од Конектикат, на емисијата „Мит д прес“ на Ен-би-си во неделата.
„Една од можностите е дека тие биле делови од поголем шпионски потфат за кој не се знаело пред американските радари и другите сензори да бидат оптимизирани за откривање бавни летачки објекти над 50.000-60.000 стапки“, рече Чарли Мур, пензиониран генерал-полковник и поранешен заменик-директор во Норад, кој предава на универзитетот „Вандербилт“.
„Откако го согледавме развојот на овие балони во последните неколку години, моравме малку да отстапиме и да ги разгледаме сите извори и методи што би можеле да ги искористиме за да го откриеме нивното лансирање, да го следиме нивното движење и потоа очигледно ќе можеме да следиме како се приближуваат кон САД и Канада“, додаде тој.
Зголемениот број инциденти отвораат повеќе прашања за односот меѓу двете најголеми економии во светот, особено сега, кога администрацијата на Бајден е во состојба на хипербудност поради, како што вели, глобалната програма за надзор поддржана од кинеската војска, која опфаќа повеќе од 40 земји - тврдење што официјален Пекинг го отфрли.
Американски официјални лица минатата недела информираа десетици странски дипломати за ова прашање и рекоа дека ќе знаат повеќе кога ќе ги пронајдат остатоците од кинескиот балон, кој беше лоциран - но не и извлечен - од околу 50 стапки (15 метри) вода во Миртл Бич, Јужна Каролина. Американски и канадски тимови за пребарување исто така сè уште трагаат по другите три соборени објекти.
Настаните предизвикаа нов бран меѓупартиски расправии, при што републиканците тврдат дека Бајден требало да го собори кинескиот балон кога првпат бил забележан над Алјаска, наместо да го пушти да лета над целата земја. Ова само ја зголеми загриженоста на Вашингтон за потенцијалната закана од Кина, која ги обвини САД дека собориле, како што велат, заталкан метеоролошки балон.
Кинескиот медиум „Пејпер“ (The Paper) во неделата објави дека Кина се подготвува да собори неидентификуван објект што лета над нејзините води во близината на пристанишниот град Кингдао. Иако првичната врева околу кинескиот балон стивна, тој извештај ја зголеми можноста дека секој нов феномен забележан на небото ќе предизвика уште една рунда на покажување со прст.
„Веројатно го достигнавме врвот на медиумското и политичкото лудило за шпионскиот балон на НРК“, рече Џејкоб Стоукс, поранешен советник за надворешна политика во администрацијата на Обама, кој сега е во Центарот за нова американска безбедност, мислејќи на Народна Република Кина. „Но, дури и кога вниманието на јавноста ќе опадне, американската влада најверојатно ќе работи на одговор на овој проблем уште долго време“.