Од 55 први фудбалски лиги во Европа, 42 имаат главен спонзор, а меѓу нив преовладуваат обложувалниците, покажуваат податоците од европската фудбалска организација УЕФА. Прегледот на европскиот клупски фудбал покажува дека во 16 лигашки натпреварувања главен спонзор е обложувалница. По нив следуваат финансиските друштва, најмногу банки, кои се главни спонзори на 13 лиги, па потоа се останатите.
Во нашиот регион Србија и Хрватска го следат фудбалскиот тренд. Главен спонзор на највисокото ниво на натпреварување во Хрватска е обложувалницата „Суперспорт“ (Supersport), во Србија тоа е „Моцарт“ (Mozzart bet). Босна и Херцеговина и Словенија исто така имаат големи спонзори по кои се именувани нивните лиги, но тие се телекомуникациски компании. Во Словенија е „Телемах“ (Telemach), а во БиХ е „Mтел“ (m:tel).
Македонската фудбалска лига нема главен спонзор, во Црна Гора е уште една обложувалница - „Меридијан“ (Meridianbet).
Во извештајот на УЕФА се наведува дека и во куп натпреварите меѓу спонзорите доминираат обложувалниците. Меѓу 35-те купови со главни спонзори, на десет спонзори се обложувалници, а потоа следат прехранбените компании, кои спонзорираат пет од нив.
УЕФА неодамна откри дека европскиот клупски фудбал изгубил околу седум милијарди евра приход за време на пандемијата. Најголем дел од тоа, 4,3 милијарди евра, се должи на непродажбата на билети за натпреварите. Но, од спонзорства се изгубени 600 милиони евра.
Притоа, не станува збор само за спонзорства на лигашки натпреварувања или купови, туку и за спонзорски договори што фудбалските клубови ги потпишуваат со поединечни компании. И таму доминираат обложувалниците.
Во тековната фудбалска сезона 22 отсто од клубовите имаат обложувалници како главни спонзори на спортската опрема, чие лого стои на дресовите на играчите. Таа бројка веројатно би била уште поголема доколку во дури 18 од највисоките европски фудбалски лиги не постојат ограничувања за клубовите спортската опрема да не им ја спонзорираат организатори на игри на среќа.
Поединечно гледано, постојат значителни разлики. Од тоа што, на пример, во Холандија обложувалниците спонзорираат 17 отсто од клубовите, до тоа што во Грција спонзорираат 85 отсто, а во Бугарија дури 94 отсто од тимовите. Дури и во Англија, обложувалниците се главни спонзори за 42 отсто од фудбалските клубови.
Нашите локални клубови, односно сојузи, се движат по патеката на некоја „златна средина“. Во Србија, обложувалниците спонзорираат 29 отсто од клубовите, во Хрватска 37 отсто, а во Босна и Херцеговина 27 отсто од клубовите. Во Македонија нема доминантна група спонзори за фудбалски тимови од највисоката лига, додека во Словенија тоа се компании кои даваат финансиски услуги, а оние под Алпите спонзорираат четвртина фудбалски клубови.
Генерално, европските клубови најголем дел од приходите остваруваат од телевизиски права, доколку не се земат предвид трансакциите поврзани со трансфери на фудбалери. Речиси 30 отсто од приходите доаѓаат од нив. Конечните податоци за фискалната 2021 година и прелиминарните податоци за 2022 година покажуваат дека добиваат меѓу осум и девет проценти од главните спонзори. Ако се земе предвид дека приходите на клубовите од највисоките лиги на европските фудбалски асоцијации во 2021 година изнесувале 21,2 милијарди евра, тоа значи дека околу две милијарди евра доаѓаат од главните спонзори.
УЕФА не објавува толку детални податоци кои би покажале колку поединечни клубови добиваат само од спонзорства, но ако се погледнат клупските спонзорства и другите комерцијални приходи (продажбата на навивачки реквизити и сл.), англиските клубови заработуваат најмногу. Во фискалната 2021 година, тоа во просек изнесуваше 82 милиона евра по клуб од Премиер лигата. На второ место се Германците со просечна заработка од 61,4 милиони евра, а потоа следат Шпанците кои во 2021 година заработиле 42,9 милиони евра.
Доминацијата на фамозната петорка ја разбиваат руските клубови, кои во 2021 година оствариле просечни 33,8 милиони евра од спонзорства и комерцијални приходи. Тоа е повеќе од клубовите од италијанската Серија А кои заработиле 32,6 милиона или француската Лига 1 со 26,5 милиони евра. Ова произлегува од фактот дека руските клубови остваруваат натпросечни приходи од спонзорства и комерцијални извори. Во другите земји овој процент се движи меѓу 30 до 40 отсто, а за руските клубови е дури 66 отсто.
Обложување на обложувалници
Од регионалните лиги според заработката на клубовите од спонзорства и комерцијални приходи, само хрватските клубови успеаја да се пробијат во 20-те најуспешни за кои УЕФА објави податоци. Тие се на 20. место со просечен приход по клуб во 2021 година од 2,6 милиони евра. Сето тоа, секако, под услов официјалните финансиски извештаи кои клубовите ги испраќаат до УЕФА да одговараат на фактичката состојба.
Овие немилосрдни бројки покажуваат дека ако сакаме да се обложуваме на фудбал, можеби е најдобро да се обложиме дека обложувалниците ќе продолжат да доминираат со финансирањето на лигите и клубовите.