Хрватскиот национален превозник „Кроација ерлајнс“ (Croatia Airlines) од 12 мај годинава ќе воведе нова сезонска авиолинија на релацијата Скопје - Сплит, најавува „ТАВ Македонија“, откако авиокомпанијата ги закажа летовите меѓу меѓународниот аеродром во Скопје и аеродромот во Сплит.
Авиокомпанијата ќе лета меѓу македонската престолнина и туристичкиот центар на Далмација во текот на летната сезона, од 12 мај до 14 октомври 2023 година.
Во овој период, „Кроација ерлајнс“ ќе сообраќа со авион „даш 8-кју400“ (Dash 8-Q400), со капацитет од 76 седишта, двапати неделно, секој вторник и петок. Времето на пристигнување во Скопје ќе биде во 23.25 часот во вторник и во 23 часот во петок, додека времето на заминување ќе биде во 5.45 часот, во среда и во сабота. Времетраењето на летот меѓу Скопје и Сплит е околу 1.25 час.
За да го означи воведувањето на новата сезонска авиолинија, „Кроација ерлајнс“ ќе им понуди на патниците 15 отсто попуст за купување авионски билети во периодот меѓу 15 и 21 март, и за билетите во една насока и за повратните билети.
Промотивниот попуст ќе биде достапен на сите продажни места на „Кроација ерлајнс“, вклучувајќи го и онлајн купувањето преку веб-страницата на „Кроација ерлајнс“ и преку мобилната апликација со внесување на промотивниот код SKOPJE15, како и на шалтерот на „Кроација ерлајнс“ на скопскиот аеродром.
Сплит ќе биде втората дестинација во Хрватска со која ќе биде поврзан меѓународниот aеродром во Скопје. Хрватската национална авиокомпанија лета на релацијата Скопје - Загреб секој ден.