Доналд Трамп е првиот поранешен американски претседател што се соочува со кривично гонење, бидејќи во Њујорк беше обвинет за 34 кривични дела фалсификување деловни книги. Обвинителите велат дека Трамп криел каква било поврзаност со исплатите кон порноѕвездата Сторми Даниелс во 2016 година, со намера да ја спречи да излезе во јавноста со информации за наводна сексуална активност со него. Во предметот се тврди дека информациите за организацијата „Трамп“ (Trump Organization) биле фалсификувани како дел од шема за прекршување на изборните закони. Трамп ја негира аферата и се изјасни за невин на 4 април. Обвиненијата поднесени од окружниот обвинител на Менхетн, Алвин Брег, се:
Исплата за Сторми Даниелс
Сторми Даниелс, чие вистинско име е Стефани Клифорд, изјави дека имала секс со Трамп во 2006 година, откако го запознала на голф-турнир за познати личности на езерото Тахо. Тој една година претходно стапи во брак со третата и сегашна сопруга Меланија и двојката доби бебе. На почетокот на октомври 2016 година, „Вашингтон пост“ објави снимка направена при работењето на епизода од шоуто „Аксес Холивуд“ (Access Hollywood), во која Трамп дава непристојни коментари за жените. Адвокатот на Трамп, Мајкл Коен, кој во тоа време бил вработен во организацијата „Трамп“, испратил 130.000 долари преку лажен ентитет кон адвокатот на Даниелс во замена за ветување дека таа нема да зборува за нејзината врска со Трамп. Коен подоцна рече дека ја извршил исплатата по налог на Трамп за да влијае на изборите во 2016 година. Тој подигнал кредитна линија ставајќи дом како залог (анг. home equity line of credit - HELOC) за да ја изврши исплатата.
Прочитај повеќе
Њујорк ги затвора улиците пред судењето на Трамп
Трамп треба да се појави на суд во вторник попладне
02.04.2023
Трамп обвинет поради наводната тајна исплата на порноактерка
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е обвинет во Њујорк.
31.03.2023
Фалсификување деловни книги
Коен, кој беше осуден на три години затвор откако се изјасни за виновен за затајување данок и прекршување на финансирањето на кампањата во 2018 година, рече дека Трамп му вратил 130.000 долари со месечни исплати од 35.000 долари во 2017 година, првата година откако тој влезе во Белата куќа. Обвинението против Трамп од 34 точки се однесува на овие исплати, кои биле евидентирани како правни трошоци во рамките на организацијата „Трамп“. Иако отстапувањата од прописите во книгите и евиденцијата сами по себе се прекршоци во Њујорк, тие може да се третираат како кривични дела кога се направени како поттикнување друго кривично дело, во овој случај прекршување на изборните закони на Њујорк.
Прекршување на изборниот закон
Во контекст на политичка кампања, парите потрошени за сузбивање непријатни информации може да се сметаат за донација. Коен беше осуден пред федералниот суд за прекршување на регулативите за кампања, делумно затоа што неговата исплата од 130.000 долари кон Даниелс го надминала тогашниот законски лимит за донација кон поединец од политички кандидат - 2.700 долари. Брег тврди дека постапувањето на Трамп за надомест на трошоците на Коен го прекршило изборниот закон на државата Њујорк, што го прави кривично дело да се направи заговор за промовирање кандидатура со незаконски средства.