Одлуката на јапонските власти да ги предупредат луѓето на северниот остров Хокаидо дека е можно севернокорејска ракета да е упатена во тој правец предизвика бура на социјалните мрежи, при што многумина побараа дополнителни детали за локацијата.
Хаштагови што може да се преведат како „каде во Хокаидо?“ и „премногу воопштено“ влегоа во трендинг-секцијата на Твитер во Јапонија во четвртокот, откако владата побара од луѓето веднаш да се засолнат. Островот зафаќа приближно иста област како Австрија и се протега на точки со растојание речиси колку што има од Балтимор од Бостон.
Предупредувањето издадено во 7.55 часот ги алармираше луѓето веднаш да се засолнат во објект или под земја, бидејќи се очекува проектил да падне во областа Хокаидо околу 8 часот.
Корисникот на Твитер @pino_zou3 ги искористил двата трендинг-хаштага во објава на која се прикажани облаци на утринското небо, додека во заднината се слуша сирена.
„Предупредување за воздушен напад, предупредување за евакуација и наредба за евакуација - ваква порака е сосема доволна да ве 'извади од кожа'“, напиша друг корисник на Твитер, додавајќи дека Хокаидо е преголем и без повеќе детали за конкретната локација нема многу време за да се осигури безбедност за луѓето.
Предупредувањето беше укинато околу 20 минути по неговото издавање, а властите соопштија дека проектилот не претставувал никаква закана за луѓето на теренот. Највисокиот владин портпарол потоа ја бранеше употребата на системот познат како „Џеј алерт“ (J-Alert), кој и претходно беше критикуван за лажни аларми, пораки доставени предоцна и воопшто дека не е од голема помош за огромни делови од земјата каде што повеќето домови немаат подруми што би можеле да ги искористат како засолниште.
„Предупредувањето беше издадено од гледна точка да ѝ се даде најголема важност на безбедноста на јавноста“, рече главниот секретар на кабинетот Хироказу Мацуно на брифингот со новинарите, бранејќи ја одлуката. Тој додаде дека Јапонија изгубила трага од ракетата на радарите и ја укинала тревогата кога немало никакви шанси таа да погоди некоја територија во земјата.