Данската полиција уапси осуммина вработени во компанија за трговија со енергија, кои ќе се соочат со обвиненија за манипулирање со цените на нордиската берза за електрична енергија. Лицата, кои се директори и трговци во фирмата, наводно оствариле профит во трицифрена сума милиони круни, се вели во соопштението на полицијата, објавено денеска. Ниту уапсените ниту компанијата не беа идентификувани, во согласност со данската практика.
„Имаме силно сомневање дека вработените оствариле незаконски профит преку пазарна манипулација“, рече во изјавата Саша Нилсен, заменик-инспектор во полициската единица за финансиски криминал. Полицијата извршила рација и на неколку адреси во врска со апсењата.
Цените на европската енергија се искачија на рекордно ниво минатата година, поттикнати од наглото намалување на протокот на гас од Русија и од несигурноста во снабдувањето поради проблемите со француските нуклеарни реактори. Тоа ги направи можностите и ризиците за трговците со енергија поголеми од кога било.
Апсењата доаѓаат една недела откако дански производител на електрична енергија беше пријавен во полиција за наводно тргување со инсајдерски информации во друг случај.