Земјата собори нови мрачни рекорди во топењето на глечерите, покачувањето на нивото на морето и на температурата на океаните минатата година, се вели во новиот извештај на Светската метеоролошка организација (СМО).
Годишниот извештај за состојбата на глобалната клима, кој ги следи климатските индикатори и влијанијата, наведува рекордно високо ниво на затоплувањето на океаните во 2022 година. Во околу 58 проценти од океанските води имало најмалку еден топлотен бран минатата година, соопшти СМО. Просечното глобално ниво на морските површини исто така достигна рекордно високо ниво во 2022 година. СМО забележа дека стапката на просечно покачување на нивото на морето на глобално ниво се удвоила помеѓу декадата од 1993 до 2002 година и декадата која заврши во 2022 година.
Глечерите, исто така, забележале натпросечни загуби во маса минатата година, откритие кое е поткрепено со посебен извештај на Европската вселенска агенција. Таа откри дека загубата на мраз од Гренланд и Антарктикот достигна нов рекорд и сега претставува четвртина од порастот на нивото на морето.
Океаните делуваат како топлинска замка за планетата, што може донекаде да го намали зголемувањето на глобалната температура, но има и огромен број негативни ефекти, вклучително и заканувачки ефекти врз поморски екосистеми. Трошоците од сушата, поплавите и топлотните бранови се исто така растечки товар за светската популација.
„Додека емисиите на стакленички гасови продолжуваат да растат и климата продолжува да се менува, населението ширум светот и понатаму е сериозно погодено од екстремните временски и климатски настани“, рече генералниот секретар на СМО, Петри Таалас.
„На пример, во 2022 година, континуираната суша во Источна Африка, рекордните врнежи од дожд во Пакистан и рекордните топлотни бранови во Кина и Европа погодија десетици милиони луѓе, доведоа до несигурност во снабдувањето со храна, ја зголемија масовната миграција и чинеа милијарди долари загуба и штета.”
Извештајот на СМО следи по проценката за состојбата со климатските промени во Европа објавена во четвртокот од службата за климатски промени Коперник на Европската унија. Високите температури на Земјата веројатно ќе се повторат оваа година, а научниците и креаторите на политиката се подготвуваат да се прилагодат на животот на пожешка планета.