Масовното убиство што се случи синоќа во околината на Младеновац е терористички напад во кој специјалните антитерористички единици имаа задача да го уапсат или неутрализираат терористот, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ на вонредна прес-конференција.
Тој потврди дека напаѓачот е уапсен и најави нови мерки, кои, како што рече, ќе бидат почеток на разоружувањето на Србија. Вучиќ посочи дека во претходниот период бројот на оружје во Србија е намален од 950.000 на околу 760.000, но дека тоа не е доволно. „И да го намалиме на 300.000, нема да биде доволно“.
„Владата од денеска ќе донесе заклучок Министерството за внатрешни работи да подготви итни измени на Законот за оружје и муниција со кои ќе се заострат условите за држење и носење оружје“, рече Вучиќ.
Прочитај повеќе
Одново масовно пукање во Србија: Осуммина убиени кај Младеновац
Осум лица загинаа во пукање што се случи синоќа во околината на Младеновац, јавуваат српските медиуми.
05.05.2023
Масакр во училиште во Белград: Ученик уби осум деца и чувар
Полицијата соопшти и дека шест ученици и еден наставник се тешко повредени и дека на повредените им е укажана лекарска помош.
03.05.2023
Неделен преглед: Дете уби деца, инфлацијата се намалува, становите ќе поевтинат
Вест на неделата е трагедијата во Белград.
05.05.2023
Како што наведе, сите 400.000 луѓе што легално поседуваат оружје, со исклучок на ловечкото оружје, ќе бидат подложени на ригорозни контроли за потоа во Србија да нема повеќе од 30.000 до 40.000 лица што располагаат со оружје. „Ќе ја разоружиме Србија целосно“.
Српскиот претседател истакна и дека тоа нема да биде лесна задача, со оглед на многуте лобија што ќе бидат против.
Тој додаде дека казните за недозволено поседување оружје ќе се удвојат и изјави дека напаѓачот во Младеновац нелегално поседувал оружје.
Кога станува збор за натамошните мерки, Вучиќ најави и дека ќе се предложат шестмесечни и едногодишни проверки и прегледи за лицата на кои им е дозволено да поседуваат оружје. Како што наведе, ќе се вршат лекарски, психолошки и психијатриски прегледи, а тие лица ќе бидат обврзани и кога ќе бидат повикани, да одат на задолжителен тест за психоактивни супстанции во рок од 48 часа.
Тој додаде дека МВР ќе ја разгледа потребата од ловечко оружје.
Претседателот на Србија изјави и дека МВР добило наредба да воведе двегодишен мораториум за издавање и носење какво било оружје, а сите што поседуваат нелегално оружје да бидат повикани да го предадат во рок од еден месец. Доколку не го сторат тоа, ќе бидат ригорозно казнети.
Кога станува збор за безбедноста на децата во училиштата по масовното убиство во белградското основно училиште, Вучиќ најави дека во следните шест месеци ќе бидат ангажирани 1.200 нови полицајци, а полицајците ќе бидат префрлени на целодневни дежурства во училиштата. Како што појасни, досега процедурата била полицаец да го посетува училиштето пред почетокот на наставата и на крајот на наставата.
Тој додаде дека тоа ќе ја чини државата дополнителни 25 милиони евра и дека тие пари се обезбедени.
„Покрај обезбедувањето, потребно е речиси секогаш да има полицаец во училиштето, а за една година ќе се обидеме да има полицаец апсолутно секогаш во училиштето. На тој начин не само што ќе ја зголемиме безбедноста во училиштата за 99 отсто туку и ќе го намалиме насилството меѓу врсниците за 80 отсто“, рече Вучиќ.