В сабота наутро кралот Чарлс Трети ќе ја напушти Бакингемската палата со кочија со шест коњи до Вестминстерската опатија. Возењето од 2,1 километри не само што ќе го однесе до местото на крунисувањето туку ќе обезбеди и увид во различните форми на богатство што ги поседува монархијата.
Ако погледне налево додека дијамантската кочија го вози низ Мол, ќе ги види бледожолтите фасади на комплексот „Карлтон хаус терас“. Мермерните скали, салите за бал и импресивниот поглед на „Сент Џејмс парк“ го прават „Карлтон хаус терас“ еден од најпосакуваните имоти во светот, од кои многу му припаѓаат токму на британскиот монарх.
Неколку стотици метри понатаму, поворката ќе сврти десно на плоштадот „Трафалгар“. Ако доволно добро го извие вратот, кралот ќе може да ја види арт деко канцелариската зграда на Странд во близината на хотелот „Савој“, кој исто така е кралски имот преку војводството Ланкастер.
Прочитај повеќе
Товар или корист? Економијата на крунисувањето на кралот Чарлс
Приходите на хотелите пораснаа за 54 проценти во споредба со истиот период минатата година.
06.05.2023
Така, маршрутата покажува два имота што служат за финансирање на британскиот монарх, а сега и нов владетел на дворецот Виндзор. Неговата колекција вклучува и имоти како замоци, речни корита или каменоломи.
Официјално основани во 1351 година, имотите му обезбедуваат на британскиот монарх средства доволно вредни за Чарлс Трети да биде меѓу 100-те најбогати луѓе во светот. Но богатството зад него е од поинаква природа од она што ги краси повеќето други богати семејства.
За почеток, Чарлс Трети лично не го поседува најскапоцениот кралски имот. Имотот на монархијата, вклучувајќи ги кралскиот накит и кралската уметничка колекција, му припаѓа на владејачкиот суверен, но не во приватна смисла, бидејќи тој не може да го продаде за лична корист.
Наместо тоа, тој има право на дел од приходот од кралските имоти и војводството Ланкастер.
Имотот на монархот е во вкупна вредност од околу 17 милијарди фунти, а вредноста се зголемила во просек за 80 отсто во изминатите 10 години, што го одразува растот на цените на земјиштето и имотот во Велика Британија.
„Крунисувањето е јавно прикажување на имотот на суверенот, што е вистински британски производ. Станува збор за ставање на Британија во центарот на вниманието во текот на целиот викенд“, вели Џорџ Грос, кој предава историја на таквите кралски церемонии на лондонскиот Кралски колеџ.
За своите службени должности, кралското семејство, според договорот од 1760 година меѓу монархот и владата, добива пари што вообичаено изнесуваат четвртина од профитот од овие имоти, кои формално не се ниту државна ниту приватна сопственост на монархот. Тука спаѓа и улицата Регент, која е популарна дестинација за купувачите на скапи модни производи.
За финансиската година што заврши во март 2023 година, тие пари изнесуваа 86,3 милиони фунти, исто како и претходната година, при што најголемиот дел од нив оди за одржување на кралските палати и платите на персоналот.
Профитот на војводството Ланкастер, кое поседува 18.481 хектар земја во Англија и Велс, е извор на приход за монархот и ги финансира активностите на другите членови на кралското семејство. Војводството не објавува целосен преглед на трошоците за секој поединечен член на кралското семејство, туку само вкупната годишна сметка.
Кралските финансии се „многу матни“, вели Лора Кленси од универзитетот „Ланкастер“, каде што предава курс за медиуми.
„Тие се како корпорација, а луѓето најчесто не ги гледаат на тој начин“, вели таа.
Иако кралското јаболко односно топката со крст и жезолот што Чарлс Трети ќе ги носи на крунисувањето не му припаѓаат лично, има многу привилегии што се надвор од дофатот дури и на најбогатите луѓе во светот.
Монархот не плаќа данок на наследство, па затоа Елизабета Втора можела да му пренесе голем дел од својот личен имот на својот најстар син, а пред смртта имала имот во вредност од најмалку 450 милиони долари, според индексот на милијардери на „Блумберг“.
Ова главно доаѓа од нејзиното неоданочено наследство и една од најголемите колекции на поштенски марки во светот. Во Британија вообичаениот данок на наследство е 40 проценти.
Чарлс Трети доаѓа на тронот речиси 50 години постар од неговата мајка кога станала кралица. Тоа значи дека тој можел да изгради сопствено богатство во шесте децении кога ја носеше титулата принц од Велс, кој има приходи од друг извор - војводството Корнвол.
Таа исплата во текот на изминатите три децении беше поголема од 400 милиони фунти, а имотот го вклучува и познатиот терен за крикет Овал, па дури и затворот во округот Девон. Како принц, Чарлс ги користел тие пари за да се финансира себеси и своето семејство и хуманитарни активности.
Дел од тие пари беше искористен и за финансирање на спогодбата за развод со принцезата Дијана. Принц од Велс сега е 40-годишниот Вилијам, додека Хари, кој е две години помлад, живее во САД со Меган Маркл и повеќе не е активен член на кралското семејство.
Чарлс Трети доброволно плаќа данок на доход и има лично богатство од повеќе од 800 милиони долари доколку го добие најголемиот дел од имотот на кралицата Елизабета и заштеди дел од својот годишен приход од војводството Корнвол.
„Монархот може да акумулира богатство како и наследникот на тронот“, вели Дејвид Хеј, извршен директор на консултантската компанија „Бренд фајненс“ (Brand Finance).
Чарлс Трети веќе има продадено неколку коњи во сопственост на кралицата Елизабета, но веројатно ќе остане тајна што сè наследил од својата мајка, како што беше случај со неговите предци.
Лондонски судија има сеф во кој има повеќе од 30 тестаменти на починати членови на британското кралско семејство што датираат повеќе од 100 години. Тестаментот на принцот Филип, сопруг на кралицата Елизабета, која почина во 2021 година, ќе остане запечатен најмалку еден век.
Највредното богатство е секако Бакингемската палата, каде што Чарлс Трети ќе се врати в сабота, откако ќе отиде во Вестминстерската опатија, и тоа во уште пограндиозна златна кочија, која ќе ја влечат осум коњи. Иако кралот не ја поседува палатата, вредна 1,3 милијарда фунти, тоа му овозможува начин на живот за кој повеќето милијардери само сонуваат.
Прославата за крунисувањето се очекува да донесе 180 милиони фунти за британската економија преку трошење во пабови, барови и ресторани, според извештајот на банката „Барклис“, што веројатно ќе ги компензира трошоците за церемонијата.
„Тешко е да се влезе во чевлите на кралицата од бајките, која владееше 70 години. Сега Чарлс Трети има задача да ја ресетира монархијата во контекст на современото општество“, вели Хеј.