Почна со работа Македонската берза за струја, ЕДС го склучи првиот договор за откуп
ЕДС АД го склучи првиот договор за откуп на енергија индексиран кон МЕМО DAM, индексот на Македонската берза за електрична енергија, соопшти компанијата, опишувајќи го ова како особено значаен момент за македонскиот пазар на електрична енергија.
Македонската берза за електрична енергија од денеска свечено почнува да функционира, а ЕДС АД ќе биде меѓу првите компании трговци со електрична енергија што ќе обезбедуваат електрична енергија за своите клиенти преку неа. Инаку, вкупно 22 компании досега имаат склучено договори за учество на берзата.
Трговци: Не можеме да продаваме производи што нема од каде да ги набавиме
Во маркетите има толку овошје и зеленчук колку што ќе ни достават доставувачите, реагираат од големите синџири маркети по најавата на министерот за економија Крешник Бектеши дека некои од нив ќе бидат казнети.
Од Стопанската комора на Македонија, во име на големите трговски брендови, велат дека и покрај сите напори од нив, нарачки и контакти со доставувачи, маркетите не успеаја да ги обезбедат потребните количества овошје и зеленчук пропишани со одлуката на Владата, па тие не се достапни на пазарот по тие цени по кои е наложено да се набавуваат и да се продаваат.
Пазарниот инспекторат во изминатите неколку дена изврши контроли во повеќе маркети и изрече прекршочни казни затоа што во маркетите немало доволни количества или, пак, воопшто немало одредени видови овошје и зеленчук опфатени со мерките на Владата.
Вештачка интелигенција - закана или шанса за нови работни места?
На вештачката интелигенција (ВИ) не треба да се гледа како на закана за работните места, туку како на шанса за креирање нови работни позиции и зголемување на продуктивноста на бизнисите, смета Крсто Златков, генерален менаџер на Институтот за дизајн и технологии – Скопје.
„Секако дека постои аспект на замена на одредени позиции, меѓутоа технологијата креира и нови работни места и нови работни позиции. Така што, од тој аспект вештачката интелигенција ви овозможува подобра анализа на целокупната дата на податоци што ние ја имаме низ сите овие години и општо во која било сфера, во која било индустрија. Ако досега сме биле научени да работиме во одредена индустрија некој процес мануелно или тој процес да трае подолго, денес со помош на технологијата и ВИ ќе го скратиме тоа време, односно ќе доаѓаме побрзо до решението и со тоа ќе ја подобриме нашата продуктивност“, вели Златков.
На берзите...
Азиските акции паднаа во пресрет на извештајот за американската инфлација, но и бидејќи ќор-сокакот со максимумот на американскиот долг го намалува расположението на инвеститорите. Индексот S&P 500 падна за 0,5 проценти, а технолошкиот индекс Nasdaq 100 за 0,7 отсто. Клучните азиски берзански индекси се во пад во опсег од 0,2 до 0,7 проценти.
Цената на нафтата паѓа поради исчекувањата за критичниот извештај за инфлацијата во САД додека инвеститорите ги анализираат мешаните извештаи за испораките. ВТИ потона до 73 долари, откако претходно скокна за 7,5 проценти во текот на трите сесии на тргување, а најмногу поради тоа што Белата куќа соопшти дека ќе започне да купува сурова нафта за да ги дополни резервите. Конкретно, ВТИ за испорака во јуни падна за 0,8 проценти, на 73,13 долари за барел, а за исто толкав процент се намали и нафтата брент, така што таа падна на 76,84 долари.
Кај курсот на еврото и американскиот долар нема позначајни промени, па валутите се тргуваат по цена од 1,0971 долар за евро.
Мирно е и на криптопазарот, каде што биткоинот ја зголеми вредноста за 0,1 отсто и чини 27.700,1 долар, а незначителна е промената на етерот, кој се тргува за 1.850,55 долари.
Денеска читајте...
Какви автомобили возат македонските и бизнисмените од регионот?
Деловните луѓе и менаџерите во регионот најчесто се возат во лимузини, во кои патувањето е удобно, економично и безбедно. Сè повеќе од нив се одлучуваат за спортски теренски возила СУВ (SUV). Електричните автомобили сè уште се возат ретко. Тоа веројатно е поврзано со несоодветната инфраструктура во голем дел од регионот.
Еден македонски директор вози скутер до работа, милионер вози само спонзорирани автомобили, а воопшто нема сопствен автомобил, но имаме и менаџер што има неколку многу скапи автомобили, за кои всушност нема време да ги вози. Во целата приказна има и такви што поседуваат авиони.
Возниот парк често е тајна, особено на Балканот, па ретки се тие кои откриваат што купиле и колку пари ги чинело тоа задоволство. Од Македонија одговорија Анѓушев, Етеми, Муцунски, Пецовски.
Пишуваме и за тоа кои се тајкуните на Балканот и зошто се снимаат серии за нив. Еден таков пример е српската серија „Тајкун“. Станува збор за фиктивна приказна за српскиот претприемач Владан, кој е омразен поради богатството стекнато за време на распадот на Југославија во 1990-тите. А инспирацијата доаѓа од реалноста. Политиката на власта го става Владан на столбот на срамот и се обидува да го искористи за да ја зајакне својата политичка моќ.