Формула 1 ја откажа трката што требаше да се одржи во Имола, северна Италија, овој викенд, откако регионот беше погоден од поројни дождови и поплави, кои доведоа до неколку жртви.
Одлуката е донесена по разговорите со претседателот на Меѓународната федерација (ФИА) и локалните власти, вклучувајќи ги релевантните министри, градоначалникот на градот и претседателот на Автомобилскиот клуб на Италија, се наведува во соопштението на Ф1, објавено на официјалната веб-страница во средата.
Се очекуваше околу 120.000 луѓе да допатуваат во регионот. Стефано Доменикали, претседателот и извршен директор на Формула 1, ги нарече настаните „трагедија“ за Имола и поширокиот регион Емилија Ромања. Осум лица загинаа во поплавите, а неколкумина се водат за исчезнати, објави „Анса“, цитирајќи ги локалните власти.
„Донесената одлука е најправилна за сите во локалната заедница, но и Ф1-семејството, бидејќи треба да овозможиме безбедност и да не создаваме дополнителен товар за властите додека се справуваат со оваа многу страшна ситуација“, рече Доменикали.
Ова е втора трка што се откажува оваа сезона. Кинеското гранпри, планирано во април, беше откажано поради пандемијата на ковид-19. За разлика од Имола, одлуката да не се одржи настанот во Кина се случи неколку месеци однапред. Трките откажани во последен момент значат повисоки трошоци, бидејќи повеќето тимови веќе се на локацијата.
„Ред бул рејсинг“ (Red Bull Racing Ltd.), кој доминира во натпреварувањето во Формула 1 оваа година, вели дека дел од персоналот веќе бил во Италија, а остатокот од тимот летал кога одлуката била објавена.
„Нема да ги знаеме вкупните трошоци уште неколку дена, но ова е последниот од нашите приоритети во моментов“, изјави портпаролот на „Ред бул“ по телефон. „Се фокусираме на безбедноста на нашите тимови и не сакаме да бидеме оптоварување за ресурсите на италијанските власти. Нашите мисли се со луѓето што се погодени од катастрофата“.