Нов Зеланд ќе ги забрани електронските цигари за еднократна употреба и ќе ги заостри прописите за продажните места за да ја намали штетата врз младите луѓе, изјави министерката за здравство Ајеша Верал.
Сите електронски цигари што се продаваат во Нов Зеланд ќе мора да имаат заменливи батерии, рече таа во вторникот во Велингтон. Електронските цигари ќе треба да имаат механизми за заштита на децата, а владата нема да дозволи да се отворат нови продажни места на 300 метри од училиштата или традиционалните домородни маорски заедници.
Овие мерки следуваат по слични потези во соседна Австралија, која во мај најави ограничувања за продажба и употреба на електронски цигари и забрана за електронски цигари за еднократна употреба. Двете земји имаат за цел да го намалат пушењето на електронски цигари, но го препознаа и ризикот што тие го претставуваат за помладите луѓе.
„Препознаваме дека треба да постигнеме рамнотежа помеѓу спречувањето на младите да почнат да користат е-цигари додека истовремено ги правиме подостапни како алатка за откажување за оние кои навистина сакаат да престанат со пушење“, рече Верал. „Креираме иднина во која тутунските производи веќе нема да бидат привлечни или лесно достапни и да создаваат зависност, а истото треба да важи и за електронските цигари“.
Верал рече дека промените во регулативите ќе бидат воведени во август, со последователен рок од три месеци за е-цигари за еднократна употреба и шест месеци за е-цигари за повеќекратна употреба, со цел индустријата да се осигура дека производите се усогласени со законот.
Претходно годинава, Нов Зеланд донесе закон со кој се зголемува законската возраст за пушење за една година секоја година, со што практично се забранува продажбата на тутунски производи на лица родени по 2008 година.