Кина започна шестмесечна кампања во која еден од клучните приоритети е промовирање на транзицијата кон електрични возила во 11.000 окрузи и села низ земјата. Пекинг вети дека ќе работи на подобрување на инфраструктурата за полнење на возилата во руралните области и ги насочува локалните власти да поддржат мерки како што се субвенции за потрошувачите. Добро утро! Ова се пет вести кои треба да ги знаете на почетокот на денот.
Сушите и поплавите се новото нормално
Во земјава практично секој ден во некој регион има силно невреме со тешки последици. Последниот случај е во Делчево. Сликите од таму се како извадени од некој филм за апокалипса.
Прашањето што виси е како во вакви услови да обезбедиме храна, посебно сега кога инфлацијата движена главно од цените на енергентите и храната, станува поупорна од она што се планираше и ќе ја мачи глобаната економија и во текот на оваа година. Земјоделците се обидуваат да најдат начин да произведат, но можностите стануваат сè поограничени.
Тешко дека кафето и слатките ќе поевтинат наскоро
Истото важи и на глобално ниво, особено за производи како кафето, чоколадите и вашите омилени грицки. Цените на меките стоки годинава се зголемија поради ограничувањата во понудата. Природниот временски феномен Ел Нињо и изгледите за потопло и суво време во земјите производители сега се закануваат да ја влошат ограничената понуда.
„Последно нешто што ќе поевтини ќе бидат шеќерот, кафето и слатките“, велат експертите.
ФЕД подготвен за пауза, ЕЦБ и натаму ќе затегнува
Централните банки неделава ќе одржат состаноци на кои ќе одлучуваат за натамошните чекори во поглед на монетарната политика.
Се очекува Федералните резерви во САД (ФЕД) да ја направат првата пауза по 10 последователни зголемувања на каматните стапки, од март минатата година. Функционерите на Европската централна банка (ЕЦБ), пак, речиси сигурно ќе се разидат со нивните американски колеги и ќе продолжат да ги зголемуваат стапките.
Линкдин прогнозира дека вештините ќе станат поважни од дипломите
Популарната деловна онлајн платформа се обложува дека начинот на кој луѓето наоѓаат работа радикално ќе се промени во догледна иднина.
Дури и сега, над 80 отсто од работодавците веруваат дека треба да вработуваат врз основа на вештини, а не на факултетски дипломи, но повеќе од половина се воздржуваат од таков чекор.
„Вработувањето засновано на вештини е идеал, светиот грал на пазарот на трудот“, вели Џозеф Фулер, професор по менаџмент на бизнис школата на Харвард.
Нè напушти Дарко Димовски
За жал, овој билтен го завршуваме со тажна вест. По кратко боледување на 45-годишна возраст почина Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
„Колегите, соработниците и работниците ќе го паметат како голем борец за работничките права кој остави длабок белег во синдикалното и работничкото движење на Македонија“, посочија од ССМ во вчерашното соопштение.
Во него беше објавено дека погребот на Димовски ќе се изврши денеска (12 јуни) во 13 часот на градските гробишта Бутел во Скопје.