Кина годинава ќе забележи најголем одлив на милионери на глобално ниво, бидејќи растот на богатството на нацијата забавува, се наведува во извештајот од „Хенли енд партнерс“ (Henley & Partners) објавен во вторникот.
Советодавната фирма проценува дека Кина ќе изгуби 13.500 поединци со висока нето-вредност, со инвестициско богатство од повеќе од милион американски долари, по што следуваат Индија со егзодус од 6.500 и Велика Британија со 3.200 лица, според извештајот за миграција на приватното богатство.
Напорот на претседателот Шји Џјинпинг за „заеднички просперитет“ значи дека кинеските претприемачи се селат на места каде што се подобредојдени, како Сингапур, или си прават резервни планови во текот на последниве години, додека продолжените рестрикции против коронавирусот додадоа причини за богатите да живеат во странство.
Заминуваат...
„Општиот раст на богатството во Кина се забавува во текот на изминатите неколку години, што значи дека неодамнешните одливи би можеле да бидат поштетни од вообичаено“, посочува во извештај Ендрју Амоилс, шеф на истражување во фирмата за следење богатство „Њу ворлд хелт“ (New World Wealth).
„Кинеската економија силно порасна од 2000 до 2017 година, но богатството и растот на милионерите во земјата оттогаш се занемарливи“, напиша тој.
Во меѓувреме, егзодусот на Обединетото Кралство најверојатно ќе се удвои, што ја прави трет најголем губитник на милионери на глобално ниво, пред Русија, која според извештајот е на четвртото место.
Од друга страна, се очекува Австралија да ги надмине Обединетите Арапски Емирати и да стане земја што привлекува најголем прилив од поединци со висока нето-вредност, со Сингапур на третото место. Околу 5.200 милионери годинава ќе се преселат во Австралија.
Бројките се фокусираат само на лица што се преселиле, односно што остануваат во нивната нова земја повеќе од шест месеци годишно, според извештајот.