Поранешниот премиер на Велика Британија, Борис Џонсон, направил „сериозно непочитување“ кон парламентот според долгоочекуваната истрага, која покажа дека тој ги довел пратениците во заблуда во врска со забавите во неговата канцеларија на Даунинг стрит, кои ги прекршиле ограничувањата за карантин во екот на пандемијата на ковид-19.
„Дојдовме до став дека некои од негирањата и објаснувањата на г. Џонсон се толку неискрени што по својата природа беа намерен обид да се доведат во заблуда комисијата и Претставничкиот дом“, напиша во својот извештај седумчлената комисија, каде што мнозинството се конзервативци. Тие истражуваа дали го довел во заблуда Долниот дом поради таканаречениот скандал „партигејт“ (partygate). „Заклучуваме дека г. Џонсон намерно извршил сериозно непочитување кон Претставничкиот дом“.
Прочитајте повеќе: Борис Џонсон поднесе оставка од пратеничката функција
Џонсон постојано ги уверуваше пратениците дека не се прекршени никакви правила, но подоцна се извини во Долниот дом, откако тој и Риши Сунак беа казнети по полициската истрага за серија забави и собири на Даунинг стрит за време на заклучувањата поради коронавирусот. Полицијата им изрече вкупно 126 казни на 83 лица за присуство на собири во владини згради.
Влијанието на истрагата е нешто помало затоа што Џонсон, кому минатата недела му беа дадени на увид резултатите, веќе изјави дека се повлекува од своето пратеничко место во знак на протест. Лажењето или доведувањето на парламентот во заблуда е строго казниво, а комисијата препорача да му се одземе правото да ја задржи влезната пропусница, имајќи предвид дека Џонсон веќе го напушти своето место како пратеник.
Да останеше пратеник, комисијата ќе можеше да го суспендира. Секое присилно отсуство од 10 дена или повеќе им дава право на гласачите од таа изборна единица да поднесат петиција за смена и избор на нов пратеник.
Со скратувањето на мандатот пред објавувањето на извештајот, Џонсон предизвика специјални избори во Аксбриџ и Јужен Руислип, кои ќе бидат предизвик за Сунак, бидејќи тоа е изборна единица каде што владејачката Конзервативна партија имаше релативно мало мнозинство од околу 7.000 гласа во 2019 година. Конзервативните пратеници очекуваат опозициската Лабуристичка партија да го преземе местото. Тоа веројатно нема да го вознемири Џонсон, кој го обвинува Сунак за улогата што ја одигра во неговиот пад минатата година.
Кога поднесе оставка минатата недела, Џонсон го отфрли мислењето на комисијата и ја доведе во прашање пристрасноста на нејзината претседателка од Лабуристичката партија, Хариет Харман. Како одговор, комисијата рече дека Џонсон со својот напад го оспорил интегритетот на парламентот.
Поранешниот премиер започна уште еден вербален напад во четвртокот, објаснувајќи зошто не мислел дека ги прекршил правилата. „Овој извештај е шарада“, заклучи тој.