Подморница со пет луѓе што требаше да го обиколи потонатиот брод „Титаник“ на морското дно исчезна во неделата. Командниот брод изгубил контакт со подморницата и нејзините патници помалку од два часа по лансирањето, по што ја известил американската крајбрежна стража.
Во моментов во тек се обемни спасувачки операции, при што се смета дека снабдувањето со воздух ќе трае уште нешто помалку од три дена. Еве што знаеме за исчезнатиот брод, компанијата што стои зад оваа тура и нејзиниот главен извршен директор Стоктон Раш, за кого се верува дека е на бродот.
Што е подморницата „Титан“?
Подморницата што исчезна е во сопственост на „Оушн гејт“ (OceanGate) и го носи името „Титан“. Таа, како што стои на официјалната страница на компанијата, е дизајнирана да превезува пет лица - пилот и четворица патници - и е направена од јаглеродни влакна и титаниум. Долга е 6,7 метри и е дизајнирана да достигне длабочини од 2,5 милји (4 километри). Остатоците од потонатиот „Титаник“ стојат на морското дно 2,4 милји подолу.
Каква е внатрешноста?
Тесно е и има малку предмети. Патниците се запечатени во цилиндричната капсула однадвор. Внатре воздухот се рециклира на сличен начин како кај вселенското летало, а внатрешниот притисок останува константен. Ретко има понекој предмет и тие се распоредени. На едниот крај има портал за гледање со дијаметар од 50 сантиметри, кој им овозможува на двајца патници да погледнат надвор одеднаш. На бродот има многу мала бања.
Што се случи со „Титан“?
Во моментов никој не знае. Според американската крајбрежна стража, околу еден час и 45 минути по лансирањето на подморницата во неделата, командниот брод на подморницата „Полар Принц“ (Polar Prince) изгубил контакт со бродот на околу 900 милји (1.450 километри) источно од Кејп Код, Масачусетс.
Колку воздух му остана на „Титан“?
Властите велат дека подморницата може да им обезбеди на патниците околу 96 часа воздух, повикувајќи се на информации од компанијата. За време на прес-конференција во Бостон, во 16.30 часот, во понеделникот, администраторот Џон Маугер од американската крајбрежна стража процени дека воздушниот капацитет во тоа време можеби е намален на само 70 часа.
Како е лансиран „Титан“?
Леталото стои на платформа додека не достигне околу девет метри под површината на водата, каде што може да го започне своето патување до морското дно без турбуленции од брановите и струите. По враќањето, се приклучува на платформата и резервоарите се полнат со воздух, со што подморницата и неговите патници се враќаат на површината.
Како се контролира оваа машина?
Подморницата може да патува со брзина од 5,6 километри и да се спушта со 55 метри во минута, а погонот доаѓа од четири електрични погони. Прикачената опрема вклучува моќни надворешни светла, камери и ласерски скенер. Дејвид Пог, новинар на Си-би-ес (CBS), кој патуваше во „Титан“ за да го види „Титаник“ во 2022 година, рече дека бил изненаден кога открил дека подморницата се контролира со контролор за видеоигри.
Кој ја изградил?
„Титан“ е изграден од приватната компанија „Оушн гејт експедишнс“ (OceanGate Expeditions) со седиште во Вашингтон, која управува со подводни бродови за наменски научни истражувања. Тоа беше замисла на извршниот директор Стоктон Раш, кој, според неколку весници, е на бродот. Раш, кој има диплома по воздухопловно инженерство од универзитетот „Принстон“ и МБА од бизнис-школата „Хаас“ во УК Беркли, работел со НАСА и „Боинг“ на дизајнот на леталото.
Што им нуди компанијата на туристите што се надеваат дека ќе го видат „Титаник“?
„Оушн гејт“ наплаќа најмалку 250.000 долари за експедиции до бродот „Титаник„. Според нејзината веб-страница, експедицијата трае повеќе од една недела и тргнува од канадскиот град Сент Џон во Њуфаундленд. Кога нурнува, на подморницата ѝ се потребни од шест до осум часа за да стигне до локацијата на „Титаник“, да истражи и да се врати на површината.